Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски, ја посвети вечерашната победа над Германија на сите граѓани во земјава, но и на медицинскиот персонал, тој додаде дека победата особено ѝ ја посветува на својата сопруга која пред неколку дена излезе од болница по прележан ковид.
„Моите фудбалери се изборија за овој историски успех. Победивме четирикратен светски и трикратен европски шампион кој имаше 20-годишна традиција без пораз. Кој, ако не ние, односно нашите фудбалери не ја срушат таа традиција. Тие се нашите спортски херои, тоа се истите кои ја кренаа на нозе нацијата по пласманот на Европското првенство. Радувај се Македонијо и слави ги овие херои. Сè уште не сме свесни што направивме“,
рече Ангеловски по победата во Дуизбург.
Тој побара да не се создава еуфорија и како што рече, спуштени на земја да се продолжи понатаму во трката за пласман на Светското првенство.
Германската селекција вечерва загуби со 2:1 на домашен терен од македонската фудбалска репрезентација во 3. коло од квалификациите за СП 2022.
Овој пораз е прв за Германците на квалификациските турнири на светските шампионати од 2001 година. Вкупно, ова е само трет пораз на Германија во Мундијалските квалификации: во 2001 година, тимот загуби од Англија (1:5), а во 1985 година – од Португалија (0:1).