Дополнителната заменик- министерка за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска изјави дека уште на 24 март доставила предлог за ребаланс на Буџетот, но дека нема детали за она што се подготвува во моментот во Министерството
Во Министерството за финансии започна да се подготвува ребалансот на Буџетот за 2020 година, соопшто министерката за финансии Нина Ангеловска во интервју за ТВ24.
Според неа, се чекало токму април за да се има повеќе информации.
„Генерално во моментот е предизвик да се проба да се појде од што пореалистични проекции или претпоставки. При прекројувањето ги земаме предвид сегашните проекции што ги имаме направено“,
рече Ангеловска.
За буџетот вели дека е ликвиден за да ги извршува своите обврски -исплатени се субвенциите, повратот на ДДВ кој е 26 проценти повисок во однос на април лани, се исплаќаат плати, пензии, социјална помош.
„Преку заемот од 176 милиони евра од ММФ добивме ликвидносна поддршка во вистински момент. Имајќи предвид дека бевме конзервативни во планирање на ликвидносните потреби во април, сега сме во ситуација кога ги сервисираме сите обврски, ги следиме сите потреби, но во исто време направивме значајно кратење на расходната страна. Ако ја погледнеме реализацијата на стоки и услуги во април е помала за 36 проценти во споредба со истиот месец лани, што покажува дека одлуките на Владата да се стопира раст на непродуктивни расходи даваат резултат“,
објасни Ангеловска.
За Буџет за годинава оцени дека е реален, додавајќи дека буџетскиот дефицит ќе зависи од тоа колку ќе биде падот на приходната страна. Но оцени дека има капацитет за брзо враќање на патеката на раст и на капацитетот за враќање на дефицитот.
Ангеловска смета дека треба брзо да се работи на реализација на капиталните инвестиции за да го амортизираат ударот. Потенцира дека во моментов не се размислува на промена на некои даноци.

Дополнителната министерка за финансии Гордана Димитриеска Кочоска која исто така гостуваше на ТВ 24, вели дека допис со предлог да се направи ребаланс на Буџетот доставила на 24 март и дека сега нема детали за ребалансот што го најави министерката Ангеловска, не е вклучена во однос на детали околу пресметките и проекциите.
„Уште на 24 март јас доставив писмен допис до министерката во кој имаше многу мои предлози и кои ставки треба да се скратат како најургентни во моментот предложив да се направи ребаланс на буџетот. Ние сме месец и половина после тој датум кога го доствив тој допис и Министерството за финаснии започнува процедура околу подготовката на ребалансот на Буџетот. Немам детали за тоа што се случува околу тоа затоа што јас во Министерството со луѓето комуницирам кога имаат потреба да потпишам некое ново задолжување, а во однос на деталите околу пресметки, проекции не сум вклучена“,
изјави таа во гостување на ТВ 24.