Досега донирале над 1 000 граѓани и 130 фирми и собрани се над 200 милиони денари
Сега секој што има можност преку https://solidarnost.gov.mk/ може лесно и едноставно да придонесе во борбата против ковид со своја донација, објави министерката за финансии Нина Ангеловска на својот фејсбук-профил.
„Приклучете се, придонесете, споделете, впишете се во листата на донатори… Бидејќи заедно сме во ова, а заедно сме посилни!“,
напиша министерката.
Досега на донаторските сметки во Министерство за здравство и во Солидарниот ковид-фонд во Владата се донирани над 200 милиони денари, вели Ангеловска.
www.solidarnost.gov.mk е платформа за донации за помош во надминување на кризата со ковид-19, креирана со поддршка од International Republican Institute (IRI) и USAID North Macedonia.
Може да се донира со платежна картичка, а сите што донирале досега преку банкарски трансфер може да се запишат во листата на донатори. Донираните средства се користат за справување со ковид и тоа: за набавка на опрема за здравството и обезбедување на потребите во здравството за справување со ковид и за социо-економски мерки, за поддршка на повеќе категории на граѓани на кои им е потребна помош.
Министерката Ангеловска изрази благодарност до над 1 000 граѓани кои досега донирале и над 130 компании за покажаната солидарност и општествена одговорност. Исто така, таа ѝ се заблагодари на УНИ банка, која го поддржува овој проект и овозможува процесирање на сите донации без какви било трошоци.
