Резултатите за јуни, како и вкупно за целото прво полугодие од 2020 година, се подобри од очекуваното. Тоа укажува дека закрепнувањето е почнато и истото може да оди и побрзо од очекувањата, оцени министерката за финансии Нина Ангеловска на прес-конференција за спроведувањето на буџетот и за состојбите на јавните финансии.
Во првата половина од годината, рече таа, вкупните приходи во буџетот се реализирани на ниво од 44% од ребалансот во износ од 87,4 милијарди денари, што е за 9 % помалку во однос на истиот период лани.
„Процентот на остварување во однос на планот, е речиси ист како и минатата година. Тоа укажува дека е задржана динамиката на наплата на приходите. Мора да се напомене дека реализацијата на вкупните приходи, кога станува збор само за месец јуни е значајно подобра од очекувањата односно таа е за 9,6% пониска во однос на јуни лани, а ние бевме подготвени за 20% пониска реализација“,
изјави Ангеловска.
Приходите од даноци во првото полугодие од 2020, пак, изнесуваат 47,3 милијарди денари што е пад од 13% во споредбата со првата половина на 2019. Кога станува збор само за јуни, падот на кој власта била подготвена е од 20%, а според Ангеловска тој изнесува 14,4%.
„Кога станува збор за придонесите, се забележува позитивен тренд односно раст со стапка од 8 % или вкупно досега изнесуваат 31,7 милијарди денари. Ова е добар сигнал за движењата на пазарот на труд. Стапката на раст покажува дека мерките за поддршка за зачувување работните места во борба против ковид-кризата даваат резултат“,
вели Ангеловска.
Од друга страна, пак, расходите исто така бележат раст на годишно ниво согласно податоците за првите шест месеци, а најголем дел од нив се како резултат на мерките за борба против кризата.
„Вкупните расходи изнесуваат 113 милијарди денари, што е зголемување од 9,9% на годишно ниво. Оправданоста за ваквиот пораст на расходите се содржи во исплата на повисоки пензии, социјална помош, плати, како и поддршка за фирми и граѓани погодени од кризата во износ од околу 5,4 милијарди денари“,
посочи Ангеловска.
Кога е во прашање идниот период, министерката очекува во третиот и четвртиот квартал да има постепено закрепнување на домашната економија за што значително ќе придонесе и третиот сет економски мерки за помош во кризата.
