Податоците на Народната банка покажуваат дека во 2021 имало поповолни трендови кај странските директни инвестиции, но и кај вкупните инвестиции како компонента на БДП, во споредба со 2020 година кога почна глобалната пандемија.
„Странските директни инвестиции се исклучително значајни за економската активност, бидејќи тие овозможуваат пристап до надворешни извори на финансирање на растот, што е многу значајно за мали економии коишто немаат доволен обем на капитал за финансирање на растот. Уште позначајно е тоа што тие позитивно влијаат врз квалитетот на растот, поради приливот на знаење и технологии коишто го носат. Минатата година, при големиот пандемичен шок, дојде до значително забавување на странските директни инвестиции кај нас. Тие изнесуваа околу 1,5% од БДП, што значи половина од она што беше стандарден износ кај нас пред пандемијата“,
вели гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за Ал џезира.

Во 2021 година нето странските директни инвестиции забележале позитивни остварувања, со 200 милиони евра во првите три квартали, што е повисок износ во однос на првите три квартали од 2020 година. Очекувањата се дека ваквите трендови ќе продолжат и во натамошниот период за кој проценките се дека ќе донесе натамошен раст на глобалната економија.
„Приливите врз основа на странски директни инвестиции придонесуваат за раст и на вкупните инвестиции. Се гледа постепено закрепнување на инвестициите, но тоа оди побавно во однос на другите компоненти од БДП, односно во просек, растот на инвестициите е околу 3,4%. Сепак, ова е позитивно придвижување, наспроти големиот пад којшто се случи во 2020 година од околу 16%. Очекуваме дека овој тренд ќе продолжи и наредната година, за кога се проектира вкупен економски раст од 3,9%“,
вели Ангеловска-Бежоска.