Денарот е и ќе остане стабилен и во текот на корона-кризата, нема простор за загриженост, вели гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска за МИА.
„Ја гарантираме стабилноста на денарот – како што досега, во изминатите повеќе од дваесет години курсот се одржуваше на стабилно ниво, така и отсега ќе се одржува на стабилно ниво“,
вели Ангеловска-Бежоска.
Таа посочува дека девизните резерви што се клучната гаранција за стабилноста на девизниот курс на домашната валута, во изминатиот период достигнале историски највисоко ниво.
Дополнително вели значајно е што овој пораст произлегува од „подобрувањето на фундаментите на македонската економија видливо преку намалувањето на дефицитот во тековната сметка на платниот биланс“.
„Високото ниво на девизни резерви акумулирано пред корона кризата ни овозможува успешно справување со предизвиците во овој период и натамошно нивно одржување на високо ниво. Така, на крајот на април, тие изнесуваат 3 милијарди и 159,6 милиони евра и во однос на март бележат зголемување за 142,3 милиони евра. Ова ниво не само што е соодветно за одржување на стабилен курс на денарот, туку како што веќе и имаме посочено, тоа е двојно повисоко во однос на 2008 година, кога како централна банка успешно одговоривме на предизвиците од глобалната економска и финансиска криза“,
истакнува Ангеловска-Бежоска.
