Јасната лекција од оваа криза е дека во моменти кога сме фокусирани на „гаснење на пожарот“, не треба да заборавиме и на структурните пречки, коишто треба да се отстранат, за да се зголеми долгорочниот потенцијал на економијата, да се намали ранливоста и следствено на тоа да се зголемува просторот на политиките за подобро справување со идни шокови.
Ова го кажа гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска при учеството на денешната видеоконференција за економски и финансиски дијалог помеѓу ЕУ, Западен Балкан и Турција.
„Клучно е што во изминатиот период создадовме соодветен монетарен простор што сега ни овозможува на предизвиците од корона-кризата да одговориме со соодветни мерки, согласно со надлежностите на централната банка. Тој простор пред сè се темели на нивото на девизните резерви, коешто значително порасна во изминатиот период, како резултат на подобрувањето на економските фундаменти и на надворешната позиција на македонската економија, како и на здравиот банкарски систем со солидна ликвидност и соодветна капитална позиција, што се резултат и на засилената регулаторна и супервизорска рамка на централната банка“,
вели гувернерката.
Според неа, високото ниво на девизните резерви и здравиот банкарски систем овозможуваат соодветно да се одговори на предизвиците од корона-кризата.
