Целосно е реализирана првата бескаматна линија кредити за поддршка на ликвидноста на микро, малите и средни претпријатија од најзагрозените сектори – угостителство, туризам и сообраќај, објави министерката за финансии Нина Ангеловска на својот Фејсбук профил.

Со првата кредитна линија поддржани се 738 микро, мали и средни компании, со 6 524 вработени. Вкупниот износ на доделени кредити преку оваа линија е 5,54 милиони евра, а просечен износ на даден кредит е 7 500 евра.
Од Владата по денешната седница соопштија дека од овие 738 претпријатија чии кредитни барања се одобрени, 77% или 565 претпријатија се до 10 вработени, 21% или 155 претпријатија се до 50 вработени додека 2% или 18 претпријатија се со 18 вработени.
По структура од вкупно одобрените барања, 373 претпријатија се од угостителството кои ја искористиле оваа кредитна линија во износ од 3 милиони евра, 320 претпријатија од транспортот ја искористиле кредитната линија во износ од 2,3 милиони евра, од туризмот 43 претпријатија ја искористиле оваа кредитна линија на вкупен износ од 252 илјади евра.
Исто така, на денепната седница на Владата, биле предложени дополнително уште 107 кредитни апликации со вкупно 936 вработени кои ги исполнуваат условите, во износ од 776 илјади евра. Од овие 107 компании, најголем дел се микро претпријатија до 10 вработени, 80%, додека 16% се мали претпријатија до 50 вработени. По дејности, 44 претпријатија се од дејноста на транспорт, 60 се од дејноста на угостителството и три се од дејноста на туризмот.
„На фирмите од сите сектори им стои на располагање и втората линија бескаматни кредити преку razvojnabankanasevernamakedonija, а повеќе информации за оваа линија на bit.ly/8-milioni-beskamatni-krediti“,
објави министерката Ангеловска на Фејсбук.
Аплицирањето за втората кредитна линија – Ковид 2 започна од 29 април во вкупна вредност од 8 милиони евра, или кредити од 3 до 90 000 евра.
