Тој нагласи дека на локации каде постои опасност од пожар има засилени контроли и набљудување на теренот
Вчера беа изгаснати 66 пожари на отворено, а во моментов во земјава пет пожари се активни и пет пожари се ставени под контрола, изјави денеска на прес-конференција раководителот на националниот Штаб за цивилна заштита и директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Одговарајќи на новинарски прашања, Ангелов истакна дека дел од пожарите се подметнати, за што се поднесени прекршочни пријави.
„Имаме сериозни индиции и основано сомнение дека дел од пожарите се подметнати. Пред три дена најдовме дрвени палети полиени со бензин, фрлени во грмушки смреки и благодарение на тоа што пред време беа забележани, истите беа отстранети за да не ги разгорат пожарите. Синоќа во пожарот што изби спроти Смилковско Езеро беше пронајдена гума, а на друго место и неколку шишиња со бензин. За овој случај ќе биде поднесена пријава, но исто така вчера МВР поднесе кривична пријава против лице за кое има основано сомнение дека предизвикувало палежи. Вчера беа фатени две лица кои со шишиња со бензин се обиделе да предизвикаат пожар. Апелирам до сите граѓани, доколку забележат сомнително однесување на лица, веднаш да пријават на бројот 112 или во најблиската полициска станица“,
истакна Ангелов.
Тој нагласи дека на локации каде што постои опасност од пожар има засилени контроли и набљудување на теренот.
„Голем број на патроли на полицијата, вклучително и незабележливи цивилни лица, се насекаде на местата каде што постои опасност да бидат предизвикани пожари и тоа има ефект бидејќи во текот на денешниот ден условите се исти како вчера, но бројот на пожари е значително помал. Верувам дека превентивниот ангажман на полицијата, шумската полиција, но и сите други лица ќе вроди со резултат и сите се известени да бидат внимателни, но и да пријават секакво сомнително однесување во шумите“,
рече Ангелов.
Ангелов додаде дека денеска е објавен оглас за ангажирање на 400 невработени лица за заштита и превенција од пожари.
„Денес излезе јавен повик од општините во земјава со кој се повикуваат 400, а на територијата на градот Скопје 80 лица, кои може да бидат ангажирани за заштита и превенција од пожари. Во моментов има голем интерес и сите заинтересирани да се јавуваат во општините каде е објавен огласот. Нашата цел е од лицата што ќе се пријават, посебно од младите и здравите, да се обучат и постепено да ги вклучиме во превенција од пожари, а најдобрите ќе бидат вработени во противпожарните единици и ќе бидат ангажирани во специјалниот тим за заштита и спасување, кој е во фаза на формирање“,
истакна раководителот на националниот Штаб за цивилна заштита и директор на Дирекцијата за заштита и спасување.