Како посериозни, директорот на ДЗС ги издвои пожарите кај селото Николиќ во Дојранско, пожарот во атарот на село Локвица во Македонски Брод и пожарот што избувнал во велешкото село Крушје, за кој рече дека се заканува да прерасне во голем пожар
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, информира дека денеска во државата се регистрирани 15 пожари на отворен простор. Најголем дел од нив се изгаснати, а во моментов, како што рече, активни се шест пожари. Три од активните пожари Ангелов ги издвои како најсериозни.

Првиот е пожарот кај селото Николиќ во Дојранско кој се одвива повеќе од една недела.
„Рано наутро гасењето од земја го започнаа екипи на ‘Национални шуми’ со поддршка на локланите пожарникари од доброволното противпожарно друштво од Дојран, професионалните пожарникари од Валандово, Струмица и Гевгелија, а дополнително на испомош дојдоа и пожарникари од Кавадарци како дел од посадата на ‘пинцгауерите’ бидејќи со дејство започнаа и четири ‘пинцгауери’ на ДЗС. Од воздух дејствуваме со еден ‘ертрактор’ кој полни вода од Дојранското Езеро и со прецизно исфрлање на водата значително им помага на лицата што гаснат од земја. Со дејство започна и еден хеликоптер на АРМ со поголемо ведро од три тона“,
рече Ангелов во попладневното видеообраќање од терен.
Директорот на ДЗС информира дека останатите два пожари кои во овој момент се посериозни се пожарот во атарот на село Локвица во Општина Македонски Брод и пожарот што избувнал во велешкото село Крушје, за кој Ангелов рече дека се заканува да прерасне во голем пожар.
„Верувам дека во текот на денот ќе имаме и други пожари, но очекувам да ќе бидат совладани“,
додаде тој.