Како што додаде Ангелов, во гаснењето се вклучени три хеликоптери – два од МВР и еден од Армијата, кои дејствуваат од раните утрински часови. На терен се распоредени 15 припадници на специјалните единици на МВР и 26 припадници на специјалните единици на Армијата, кои заедно со екипите на ЈП „Јасен“ и неколку тимови од „Национални шуми“, се обидуваат да воспостават контрола над огнената стихија
Неколку пожари се активни денеска на отворен простор низ државата, а најсериозна е ситуацијата на територијата на Општина Македонски Брод, во ловиштето „Јасен“, каде што пожарот со денови не може целосно да се стави под контрола, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов.

„Овој пожар е активен неколку дена. Иако повеќе пати беше ставен под целосна контрола, а на моменти и целосно изгаснат, поради исклучително непристапниот терен некои негови краци повторно се реактивираат зафаќајќи поголема површина“,
изјави Ангелов.
Како што додаде Ангелов, во гаснењето се вклучени три хеликоптери – два од МВР и еден од Армијата, кои дејствуваат од раните утрински часови. На терен се распоредени 15 припадници на специјалните единици на МВР и 26 припадници на специјалните единици на Армијата, кои заедно со екипите на ЈП „Јасен“ и неколку тимови од Национални шуми, се обидуваат да воспостават контрола над огнената стихија.
Директорот на ДЗС соопшти дека активен е и пожарот во атарот на село Крапа во Македонски Брод, близу пожарот кој што беснеел и пред 20-ина дена.
„Засега се работи за мал пожар и сум оптимист дека истиот ќе биде набргу ставен под контрола, а потоа изгаснат. Се уште се работи на гасење на пожарот во близина на скопското село Свиларе, каде што на терен се наоѓаат Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје со поддршка на два ‘пинцгауери’ на ДЗС“,
рече Ангелов посочувајќи дека во моментов нема други пожари кои може да се издвојат како тешки за гаснење.
Тој информираше дека во текот на вчерашниот ден имало тежок пожар за гаснење на територијата на Кичево кој избил во атарот на селото Челопејци. Овој пожар, потенцира Ангелов, кој тргнал кон блиските воени објекти и претставувал закана за селото, бил изгаснат со брза и агресивна реакција.
„Кон него итно упативме два полициски хеликоптери, еден армиски хеликоптер, како и двата ‘ертрактори’ на ДЗС. Од земја, покрај екипите на ТППЕ Кичево, во гаснењето учествуваа и повеќемина припадници на Армијата, а значителна поддршка дадоа и локалните жители. Овој многу тежок пожар кој што беше активен до доцните часови во ноќта и во 2 часот по полноќ беше целосно изгаснат. Оставени се патроли кои патролираат за да не дојде до негово реактивирање на некои од неговите краци. Состојбата со овој пожар е мирна“,
истакна Ангелов.