„Делот каде што се наоѓаат литиумските батерии е затрупан со песок, на некои места е користена земја, онаму каде што нема литиумски батерии односно електронски отпад. Но, има чадење преку песокот и посипаната земја. За жал, чадењето се уште е силно, пожарникарите работат на навлажнување на песокот заради догаснување на пожарот“, изјави Ангелов

Пожарот во Трубарево е изгаснат, нема активно горење, но има силно чадење кое се пробива низ земјата и песокот од затрупаните места. Преостанува да се дозатрупа уште дел од опожарената површина, изјави утрово директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов.
Тој нагласи дека благодарение на храбрата, брза и пожртвувана интевенција на скопските пожарникари, како и на целокупната одлично организирана акција за гасење на пожарот, четири објекти кои што се наоѓале директно до опожарените објекти на „Групација-Ф“ биле спасени.
„Од она што можам да го забележам овде, се работи за големи бали со пластичен отпад, пластични шишиња и друг отпад, уредно спакувани. Пожарот е изгаснат. За жал, се уште имаме активно чадење. Делот каде што се наоѓаат литиумските батерии е затрупан со песок, на некои места е користена земја, онаму каде што нема литиумски батерии односно електронски отпад. Но, има чадење преку песокот и посипаната земја. За жал, чадењето се уште е силно, пожарникарите работат на навлажнување на песокот заради догаснување на пожарот, бидејќи ваков електронски отпад е исклучително тежок за гасење. Пожарникарите работеа во текот на целата ноќ“,
истакна Ангелов.
Директорот на ДЗС соопшти и дека околу 2.30 часот добиле дојава дека повторно има горење на депонијата „Дрисла“ и веднаш се упатил таму.
„Се гледаа одредени пламени јазици, но тоа беше гасот којшто испарува од оваа депонија. Таму упативме една екипа на скопската противпожарна бригада која го изгасна огнот, од кој постоеше опасност да го зафати главниот дел од депонијата. Сега состојбата во ‘Дрисла’ е стабилна, продолжуваме со агресивно затрупување на преостанатиот дел бидејќи најмалку половина од местото коешто гореше во ‘Дрисла’ вчера е затрупано. Но, дел од механизацијата беше пренасочен и овде, на големиот пожар во Трубарево“,
додаде Ангелов.