Како што објасни тој, ситуацијата е сложена бидејќи од пламените се прават високи витли и затоа е екстремно ризично пешадиски да се гаси, а кога се фрла вода одозгора, пак, таа не може да падне до земјата од боровите крошни или испарува пред да падне поради високата температура

Пожарот во ловиштето „Јасен“ е најкритичен, беснее неколку дена, горат борови. Исклучително е тежок теренот. Нè чека тешка и ризична задача, но јас сум оптимист, работиме барем да го забавиме ширењето на огнот, изјави вечерва во гостување во Дневникот на ТВ Сител, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Како што објасни тој, ситуацијата е сложена бидејќи од пламените се прават високи витли и затоа е екстремно ризично пешадиски да се гаси, а кога се фрла вода одозгора, пак, таа не може да падне до земјата од боровите крошни или испарува пред да падне поради високата температура.
Ангелов додаде дека денеска наутро користеле четири специјални возила „пинцгауери“ затоа што толку дозволувал теренот, односно, се работи за тесни шумски козји патеки. Наутро гасењето било успешно бидејќи тогаш пожарот бил „заспан“.
„Но, сликата драстично се менува претпладне и околу пладне со покачувањето на температурата“,
рече Ангелов.
Во врска со новите пожарникари избрани на оглас, директорот на ДЗС посочи дека тие сѐ уште не се распоредени и оти нема да се ангажираат во вакви пожари, туку, како што рече, ќе ги пуштиме на поедноставни пожари.
„Тие сѐ уште зачекоруваат во водите на пожарникарството, тоа нема да го дозволиме. Дваесет и седум лица кои дојдоа во ДЗС овие денови ќе имаат дополнителна и посериозна обука. Презадоволен сум од луѓето што се јавија на оглас, се работи за сериозни луѓе со физички предиспозиции за оваа работа и верувам ќе имаме добар материјал за квалитетни пожарникари“,
истакна Ангелов.
На прашањето, кога ќе биде ставен во функција третиот „ертрактор“, Ангелов рече дека тој најверојатно ќе доцни затоа што има само еден сервисен оператор и малку подизведувачи во Европа, а државава има пет-шест авиомеханичари кои, како што нагласи, пожртвувано работат за „ертракторите“ да бидат во функција.
„Во процес е набавка на повеќе хеликоптери, мислам 15-ина. Ќе се разговара дали некои од нив ќе бидат подобни понатаму да бидат користени за гасење пожари. Но, мојата идеја е во иднина да се набават и нови ‘ертрактори’. Веќе почнав некои процедури, да видиме колку ЕУ покрива трошоци за ‘ертракторите’. Но, кога ние и би ги порачале, се чека со години испораката затоа што има дефицит. Југоисточна Европа гори, пожари имаме насекаде“,
рече Ангелов.
Тој очекува следната година да има и поголем број пилоти и додаде дека со двајцата пензионирани пилоти имаат договор да бидат ангажирани и следното лето.