Од СВР Струмица попладнево упатија апел до граѓаните да не се движат во делот зафатен со пожар, а лицата кои се затекнати таму веднаш да го напуштат подрачјето
Големиот пожар што избувна попладнево во близина на Струмица меѓу Градските гробишта и селото Баница е делумно ставен под контрола, објави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДСЗ), Стојанче Ангелов.

Како што информира тој, големиот и црн чад излегува од склад во двор во кој од пожарот се зафатени голем број автомобилски гуми. Ангелов додаде дека пожарникарите не дозволуваат пожарот да се шири кон селото Баница, градот и куќите во тој дел.
„Пожарот се движи во неколку насоки и има големи шанси да биде ставен под целосна контрола. На едно место навлезе делумно во Гробиштата во Струмица, зафати неколку квадратни метри и тука е запрен. Нема потреба од вознимереност и паника. Струмичките пожарникари побараа помош од соседните противпожарни единици, а доаѓаат и два ‘пинцгауери’ на ДЗС. Во случај на лош развој на настаните ќе упатиме и ‘ертрактори’. Во овој момент нема таква потреба, иако едниот ‘ертрактор’ превентивно е упатен кон Струмица“,
рече Ангелов во изјава за медиумите дадена од местото на пожарот.
Како што претходно информира командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев, се работи за пожар од големи размери, кој го гаснат 30 пожарникари и 10 возила, а била побарана и помош од пожарникарите од Валандово и вклучување на хеликоптер.
Од СВР Струмица попладнево упатија апел до граѓаните да не се движат во делот зафатен со пожар, а лицата кои се затекнати таму веднаш да го напуштат подрачјето.