„Помош ни понуди Австрија со 80 пожарникари и Франција со 50 пожарникари, но во овој момент немаме таква потреба“, вели директорот на ДЗС
Чешкиот хеликоптер „блек хок“ и 62 пожарникари со 18 специјални противпожарни возила од Словенија попладнево и доцна во текот на вечерта се очекува да пристигнат во земјава и да почнат со интервенција врз пожарот на планината Готен од беровска страна, информира попладнево директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.

„Во текот на утрешниот ден ќе упатиме и други национални сили и ќе се фокусираме на овој пожар, бидејќи на останатите места состојбата е благо релаксирана“,
изјави директорот на ДЗС на попладневната прес-конференција.
Покрај Чешка и Словенија, како што рече Ангелов, по активирањето на ЕУ-механизмот за цивилна заштита во текот на вчерашниот ден, помош најавиле неколку држави меѓу кои Австрија и Франција.
„Помош ни понуди Австрија со 80 пожарникари и Франција со 50 пожарникари, но во овој момент немаме таква потреба. Помошта е подготвена и ако има потреба истите би тргнале кон државава“,
додава тој.
Осврнувајќи се на пожарот на планината Готен, Ангелов рече дека во моментов сè уште создава најголем проблем од четирите активни пожари. Информира дека на радовишкиот крак на пожарот дејствуваат 60 припадници на Армијата и 30 припадници на полицијата. На терен се присутни специјализирани возила на ДЗС и тоа шест „пинцгауери“, четири БРТ и четири „хермелини“ кои се поставени стратешки над и во селата во Радовишко.
„Од беровската страна се распоредени 40 припадници на Армијата и 25 припадници на специјалните полициски единици, а ангажиран е и тим од 18 припадници на ДЗС кои даваат поддршка на локалните пожарникари. Во Берово синоќа во 21 часот се одржа седница на кризниот штаб на општина Берово, на која присуствував за да слушнам од градоначалникот и останатите присутни што е тоа што може да биде подобрено“,
вели Ангелов.
Директорот на ДЗС информира дека во државата во моментов има вкупно 15 пожари на отворен простор од кои четири се активни, четири се ставени под контрола, а седум се целосно изгаснати.