Запрепастувачки е фактот што во една општина не може да се најде возило за помош на граѓанин кој е во животозагрозувачка состојба, вели директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, кој по кратовскиот случај најави дека комисија ќе испитува дали имало пропусти во институцијата со која раководи тој или кај некој друг.
Случајот кој предизвика огромно внимание во јавноста го објави лекар од Кратово опишувајќи како не можеле да пронајдат ниту една институција за да се помогне граѓанин во тешка здравствена состојба да биде пренесен до болница бидејќи се наоѓал во тешко пристапно село. Екипа од брзата помош со роднини, направиле носилка и пет часа на раце го носеле човекот.
Ангелов вели дека оперативецот на ЦУК во Кратово направил сè што можел, но никој немал возило.
„Откако бил информиран дека се наоѓа човек на кој му се пружа брза помош и е во животозагрозувачка состојба и треба итно да биде извлечен од селото, нашиот оперативец веднаш се јавил во полицијата и го известил надлежното лице. За жал во полицијата немале соодветно теренско возило со кое би можеле да стигнат на местото, но се понудиле да отидат неколку посилни полицајци кои би помогнале во извлекувањето. Нашиот оперативец веднаш потоа се јавил во противпожарната заштита, но истиот одговор дека немаат соодветно теренско возило, го добил и од таму. Потоа се јавил во ЈП Македонски шуми од каде побарал помош, но не ја добил. Потоа се јавил на директорот на ЕВН во Кратово надевајќи се дека имаат тие соодветно возило. На крај се јавил и на директорот на комуналното претпријатие од каде прво добил надеж дека ќе се обезбеди возило, но потоа не било обезбедено“,
рече Ангелов.
Според директорот на ЦУК, оперативецот бил фокусиран само на барање теренско возило, џип или можеби и трактор, но не и на хеликоптер. Затоа, најави и промени во процедурите со кои се предвидува начинот на дејствување.
„Според стандардните оперативни процедурите тој не е обучен да носи одлука дали е потребен хеликоптер или не, но сепак тука пронаоѓам наша слабост која во иднина ќе биде променета. Односно, тие т.н. стандардни процедури ќе бидат променети и секогаш во каква било ситуација кога ќе имаме загрозен живот на кој било наш граѓанин на кое било место, ние како ЦУК ќе погрижиме да испратиме хеликоптер за извлекување“,
рече Ангелов.
За овој случај денеска одговарајќи на новинарски прашања зборуваше и претседателот Стево Пендаровски кој рече дека до Армијата немало никакво барање за да помогне во спасувачката акција на завеаниот овчар. Ако имало, вели шефот на државата, преку ноќ тоа ќе било одобрено и војската ќе помогнела.
„Таквото барање не е проследено воопшто до Армијата. Јас се зачудив кога го видов целиот извештај. Тоа е една поразителна и трагична приказна за сите нас како држава. Не сакам да употребувам повторно квалификации за државата, но, се обратиле до Центарот за управување со кризи до општинскиот штаб и општината. Армијата многупати го прави тоа бидејќи има на располагање армиски хеликоптери кои да не кажувам во какви не ситуации и во некои кои се помалку познати на јавноста има помагано, но такво барање не е дојдено воопшто“,
рече Пендаровски.
Реагираше и Хелсиншкиот комитет за човекови права кој побара одговорност за крајната небрежност на институциите. Оттаму испратиле барање за вонреден инспекциски надзор до Државниот инспекторат за локална самоуправа за да се утврди дали Општина Кратово ги презела сите дејствија кои се во нејзина надлежност. Ако контактираните институции немале можност да спроведат акција, велат, градоначалникот имал обврска да побара ангажирање на републичките сили за заштита и спасување, според члено 35 од Законот за заштита и спасување.
„Хелсиншкиот комитет инсистира на брзо расчистување на овој случај и бара одговорност од сите надлежни поединци и институции, кои не реагирале во една ваква животозагрозувачка ситуација. Ваквиот неетички и противзаконски однос, манифестира екстремна небрежност и кон лицето во тешка здравствена состојба, но и кон здравствените работници и другите лица кои учествувале во неговото спасување“,
велат од Хелсиншкиот комитет.
Докторот Павле Зафиров кој вчера ја раскажа голготата посочи дека настанот се случил пред неколку дена. По повикот заедно со медицински техничар, шофер и сестра, како и двајца роднини на повредениот се упатиле кон планинското место каде живеел повредениот. Не можеле да стигнат до местото, па по 30-40 километри возење продолжиле пеш.
„Затекнавме трогателна ситуација. Лицето беше паднато на патеката која од неговата куќа води до трлото во кое одгледува значителен број овци кои во овој период од годината се јагнат и мораат да бидат проверувани секоја вечер. За некое чудо, лицето после поминати повеќе од 12 часа на поларна температура во снегот беше сè уште живо, за разлика од овцата која најверојатно имаше излезено да ја врати во трлото по јагнењето. Го имаше најдено неговата 90 годишна мајка која немајќи сила да го крене поминала цела ноќ покрај него обидувајќи се да го загрее“,
раскажа докторот.
Откако го внеле во куќата, му пружиле помош, поради сериозноста на ситуацијата побарале помош, но не добиле.
„Оставени сами на себе и без никаква помош, ги прашав неговите роднини и медицинскиот техничар дали се спремни на раце да го изнесеме човекот до возилото, целосно свесен за ризикот во кој ги ставам нив и самиот себе и за одговорноста која ја преземам. Сепак, професијата не ми дозволува ни да помислам да не го транспортирам пациентот кој имал среќа да преживее на тој студ и снег. Роднините најдоа колци и ќебиња од кои со свои раце зашивме носила, го замотавме во јамболии човекот и го поставивме на носилката и додатно го обезбедивме шиејќи ги однадвор ќебињата. Ние четворицата околу 5 часа на раце го носевме пациентот по козји патеки низ екстремно стрмен предел и шума наместа затрупани со снег, преку река и низ нагорница која ретко кој би се осмелил да ја помине и пеш“,
рече лекарот, кој наведува дека се решил настанот да го раскаже јавно за да алармира колку е нефункционален системот.