В.д. директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов вели дека земјата во моментов се соочува со две кризни состојби, од кои втората не е на цела територија, како што е оваа поврзана со ковид-19, туку е само на северната и јужната граница и е поврзана со мигрантите.
Притоа, за мигрантската криза вели дека е дополнително комплицирана од пандемијата бидејќи оние што влегуваат и излегуваат од земјава ја шират заразата.
„Вторава кризна состојба не е на целата територија, туку само на јужната и северната граница и е поврзана со влезот и транспортот на мигрантите низ нашата земја. Мигрантите, покрај безбедносниот ризик, внесуваат и зараза. Имаме информации дека во одредени кампови е силно раширен ковид-19, зашто тие таму немаат никакви услови, посебно хигиенски, а да не зборуваме за дистанца. Натрупани се особено во некои кампови во Грција, каде што бројката е повеќекратно поголема од дозволената и нивниот трансфер, влез и движење низ земјава може негативно да се одразат, освен безбедносно, и во однос на ширењето на ковид“,
рече Ангелов во интервју за ТВ 24.
На прашањето дали има притисок на јужната граница, в.д. директорот на ЦУК не одговори, со образложение дека тоа е надвор од она што смее да го каже во јавноста.