Во таа насока, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување апелира до граѓаните доколку забележат сомнително однесување, особено луѓе што носат дрвени палети, било во возило или во раце, веднаш да пријават на единствениот повикувачки број за итни случаи – 112
Ангелов соопшти дека пожарот во моментов е под контрола, а воедно рече оти не се вистинити информациите што се појавија вчера дека верски објекти, односно манастир или црква биле загрозени од пожарот, како и дека не е точно оти изгореле три куќи во селото Чучер
Има нови индиции дека големиот пожар на територијата на Општина Чучер-Сандево, меѓу селата Блаце и Чучер, е намерно подметнат, изјави денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.

Пожарот што избувна во неделата попладне е ставен под контрола, но, како што информира Ангелов претпладнево, пожарникарите кои работеле на негово догаснување на неколку места нашле дрвени палети најверојатно премачкани со бензин и фрлени во смреки.
Инаку, Ангелов вчера изјави дека можни причини за избувнувањето на пожарот е фрлено догорче од цигара од возило во движење или дека е намерно подметнат.
Според она што можел да го забележи на терен, Ангелов денеска изјави дека индициите говорат дека станува збор за второто.
Дополнително, според директорот на ДЗС, некој утрово се обидел да го реактивира пожарот.
„Најпрвин бидејќи на местото на избувнувањето на овој пожар и на кое и самиот бев присутен 15-20 минути по неговото избувнување и можев да видам дека линијата на огнот е многу широка како за пожар кој би се појавил од фрлен отпушок од цигара. Денес утрово додека пожарникарите работеа на негово догаснување бидејќи овој пожар е под целосна контрола во овој момент, најдоа на неколку места дрвени палети претходно најверојатно намачкани или прелиени со бензин и фрлени во смреки. Некој утрово намерно се обидел да го реактивира овој пожар кој е под контрола“,
вели Ангелов во видеоизјавата.
Во таа насока, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување апелира до граѓаните доколку забележат сомнително однесување, особено луѓе што носат дрвени палети, било во возило или во раце, веднаш да пријават на единствениот повикувачки број за итни случаи – 112.




Дополнително, Ангелов рече оти се невистинити информациите што се појавија вчера дека верски објекти, односно манастир или црква биле загрозени од пожарот, како и дека не е точно дека изгореле три куќи во селото Чучер.
„Апсолутно, во текот на вчерашниот ден не дозволивме да изгори ниту една куќа благодарение на храбрата реакција на скопските пожарникари, пилотите на хеликоптерите на полицијата и на Армијата, но и на локалното население коешто излезе и си ги бранеше своите домови“,
изјави Ангелов.

Инаку, утрово покрај противпожарните екипи на земја, во гаснење на пожарот на територијата на општина Чучер-Сандево повторно интервенираа два хеликоптери на Министерството за внатрешни работи, кои, како што што соопштија оттаму, за неколку часа исфрлиле над 70 тони вода.
„Денеска, од самите утрински часови, два хеликоптери од Хеликоптерската единица за полициски намени при МВР, ‘бел 412’ и ‘агуста бел 212’ интензивно учествуваат во гасење на пожарот кај Чучер-Сандево. Досега се исфрлени преку 70 тони вода“,
се вели во соопштението од МВР.
На дејствувањето на еден од хеликоптерите посведочи и објективот на „360 степени“, односно како леталото опремено со ведро прецизно истура вода врз дел од шумскиот предел од кој се издига чад.
Снимките од дрон, исто така, ја илустрираат состојбата со пожарот денеска претпладне. На нив може да се види како сè уште чади од делови од непристапен планински терен, како и големи површини опустошени од огнената стихија.
Ситуацијата со пожарот во Чучер-Сандево беше особено критична вчера попладне поради што градоначалникот на Општината Сашко Комненовиќ соопшти дека е прогласена вонредна состојба на ниво на општината бидејќи, како што кажа, ситуацијата со пожарот е сè уште сериозна и загрижувачка.