Најдобрите од нив, особено оние кои што гравитираат во Скопје и околината, ќе имаат можност да конкурираат и да бидат дел од новата специјална единица за заштита и спасување, која што е во фаза на формирање, вели Ангелов
До четврток трае јавниот оглас за прием на 400 нови пожарникари – документите треба да се поднесат во локалниот центар за вработување, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов. За територијата на Град Скопје се бараат 80 пожарникари.
„Значајно е дека со нив треба да носат потврда, медицинска потврда од матичниот доктор, во којашто се потврдува дека не боледуваат од тешки болести, којшто би им пречеле во работењето на оваа исклучително одговорна задача. Други документи не се потребни. Од оние кои ќе покажат интерес за оваа работа ќе ги избереме најдобрите и ќе може да бидат примени како професионални пожарникари во локалните Територијални противпожарни единици. Најдобрите од нив, особено оние кои што гравитираат во Скопје и околината, ќе имаат можност да конкурираат и да бидат дел од новата специјална единица за заштита и спасување, која што е во фаза на формирање“
рече Стојанче Ангелов, директор на ДЗС.

Во однос на состојбата со пожарите, од девет пријавени пожари на отворено, пет се се уште активни, информира директорот на ЦУК, Мухамед Али. Според информациите од Центарот за управување со кризи, активни се пожарите кај селото Николиќ, Дојран, каде интервенираат екипите на ДЗС, противпожараната единица на Валандово и доброволното пожарникарско друштво од Дојран. Активен пожар има и во селото Крушје кај Велес, каде освен противпожарните единици, ангажирани се и 30 припадници на АРМ.

Активен пожар има и во Македонски брод, кај селата Црешнево, Локвица , Карпа и Слатина каде интервенираат противпожарните единици и ЈП Македонија пат. Активен пожар е регистриран и во Општина Гази баба, кај селото Раштак кон Љуботен, а активен пожар има и во Сарај каде интеревенираат екипите на противпожарната единица на Град Скопје.