Во случај на влошување на состојбата со пожарите, како што вели директорт на ДЗС, може да се побара и меѓународна помош, но додаде дека во моментов тоа не е најсоодветна опција бидејќи и другите држави се справуваат со пожари
Бројот на пожари е доста висок, но досега успешно се справуваме со нив, информира на денешната прес-конференција директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.

Во гаснењето на пожарите од воздух на располагање се ставени два „ертрактори“ на ДЗС, два полициски и два армиски хеликоптери.
Третиот „ертрактор“, според Ангелов, е на сервис и се очекува да биде вратен во земјава на почетокот на следниот месец.
„Фирмата што работи на сервис на овој ‘ертрактор‘ веројатно се соочува со голем обем на работа и не може да постигне. Тој е благовремено однесен и веќе подолго време е таму. Дополнително кај него се откриени дефекти што се непредвидени и поради што сервисот се развлекува подолго време“,
рече тој.
Во случај на влошување на состојбата со пожарите, како што вели Ангелов, може да се побара и меѓународна помош, но додаде дека во моментов тоа не најсоодветна опција, бидејќи и другите држави се справуваат со пожарите.
„Во случај на драматично влошување на состојбата, на располагање ни стои ЕУ-механизмот за заштита и спасување и во кој било момент можеме да побараме меѓународна помош. Но, морам да укажам дека целиот реегион е во оган. Од мои контакти со соседните земји, можам да кажам дека сите летала од соседните држави се зафатени со гаснење на пожарите во нивните држави. Тоа значи и дека варијантата на барање меѓународна помош во летала не е најсоодветна опција“,
кажа директорот на ДЗС.
Авион на Агенцијата за цивилно воздухопловство секое утро прави прелет на територијата на целата држава со цел да се добијат информации за состојбата со постојните и за нови пожари.
Упати апел до сопствениците на викендици и куќи да ги исчистат дворовите од вегетација и да направат заштитен појас.
Посочи дека продолжуваат и обидите за намерно предизвикување пожари на отворен простор, укажувајќи на најновиот откриен случај во Општина Крива Паланка, каде се пронајдени повеќе од 30 расфрлани гуми, гранки и картонски кутии.
Во последното деноноќие се регистрирани 40 пожари, од кои 33 се изгаснати, пет се активни, а два се ставени под контрола.