Шефот на бугарскиот дел од заедничката комисија за БНТ вели дека како одговор на новата енергија во билатералните односи се планира поголема динамика и во нивната работа, и до средината на мај треба да има три состаноци
Како причина за блокадата на работата тој ја наведува, како што вели неподготвеноста на нашите колеги да прифатат дека имаме заедничка историја, а таа започнува во средниот век
Шефот на бугарскиот дел на Мешовитата историска комисија со Северна Македонија Ангел Димитров изјави дека нема никакви промени во неа. Тие што не се во неа доброволно си заминале и не се сменети.
Како што пренесе МИА од Софија, Ангел Димитров во изјава за БНТ најави дека како одговор на новата енергија во билатералните односи се планира поголема динамика и во нивната работа. До средината на мај треба да има три состаноци. Првата средба на историчарите за 2022 година ќе биде на крајот на февруари, вели Димитров.
„Имаме искуство, знаеме што да очекуваме и пристапуваме со внимание и реализам, без посебни очекувања. Ние сме во средниот век, уште сме на материјата што се учи во основно училиште, сè уште не сме стигнале до она што се учи во средно, а работиме три и пол години. Сето тоа е поради неподготвеноста на нашите колеги да прифатат дека имаме заедничка историја, а таа започнува во средниот век. На тоа се должи блокирањето на нормалниот ритам на работа на Комисијата“,
посочува Димитров.
Тој вели дека инсистирал разговорот за Гоце Делчев повторно да се отвори додавајќи дека, за жал, тоа ќе биде пред Мешовитата комисија по одбележувањето на 150-годишнината од раѓањето на Делчев.
„Кога се разговара за тоа како да се подготви текст до владите за заедничка прослава, колегите од Република Северна Македонија се движат од сегашноста во минатото – од нивната идеја за Гоце Делчев, без да зборуваат за Гоце Делчев во неговото историско време. Ова е пристап кој не е историски. Предлагаме прво да се оцени личноста во неговото историско време и оттаму да се разбере неговото значење за сегашноста“,
вели Димитров.
Бугарскиот премиер Кирил Петков минатата недела во обраќањето пред Собранието за текот на дијалогот најави дека за 4 февруари се подготвува заедничко одбележување со РС Македонија на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.
Во однос на историската комисија, министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за „360 степени“ на 24 јануари во Софија рече дека поради тоа што ние имавме одредени промени во составот треба да има нов дух и свежина и од другата страна, но како што рече без да прејудицира дали ќе биде тоа промена на состав, дали ќе биде промена во динамиката на средби, со структурата на средби, во пристапот.