Осомничениот Жарко Гроздановски е учесник во протестите што кулминираа со упад во Собранието на 27 април 2017 година, а и во собирите против уставните измени во текот на 2018 година. Во 2019 г. добил кривична пријава за упатување смртни закани кон тогашниот премиер Зоран Заев

Анестезиолошки техничар од универзитетската клиника ТОАРИЛУЦ, во одделот за анестезија, реанимација и интензивно лекување, е приведениот за убиство на 76-годишен охриѓанец, чие безживотно тело вчера наутро беше пронајдено во неговиот дом во Охрид.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР), станува збор за 53-годишниот Жарко Гроздановски, медицинско лице кое ѝ било познато на полицијата.
„Според официјалните податоци и евиденциите на СВР Тетово, досега против лицето Ж.Г. е евидентирано само едно кривично дело загрозување на сигурноста преку компјутерски систем. Освен овој конкретен случај, за лицето не постојат записи за други претходни санкции или кривични постапки со правосилен исход“,
велат од МВР за „360 степени“.
Гроздановски бил лишен од слобода вчера во 17:20 часот откако претходно во МВР било пријавено дека на улицата „Нада Филева“ во Охрид, во неговиот дом, без знаци на живот е пронајден К.М. (76).
Од Јавното обвинителство велат дека денеска се работи на обезбедување докази во врска со случајот и оти во текот на денот ќе излезат со информации.
Инаку, Жарко Гроздановски е лидер на организацијата „Христијанско братство“ и против него во 2019 година е поднесена кривична пријава за упатување смртни закани кон тогашниот премиер Зоран Заев. Тој во видеообраќање објавено на социјалните мрежи освен за Заев и за експремиерот Никола Груевски вели дека е предавник.
Дел од членовите на организацијата „Христијанско братство“, меѓу кои и Гроздановски, учествуваа во протестите што кулминираа со упадот во Собранието на 27 април 2017 година. „Христијанско братство“ и Гроздановски се дел и од протестите против уставните измени во 2018 година.
Во продолжение може да се погледне видеото во кое Гроздановски ги упатува заканите до Заев.
