Двајцата членови на бендот ДНК настрадаа заедно со уште 57 лица во страотниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани
Пејачот на ДНК Андреј Ѓорѓиески ќе биде погребан утре на градските гробишта во Бутел. Телото на Андреј ќе биде изложено во капелата во Бутел од 10 часот, каде што сите роднини и пријатели, ќе можат за последен пат да се поздрават и да се збогуваат со него.

Андреј Ѓорѓиевски почина на 43 години. Животот го загуби трагично во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Тој, неофицијално, излегол од клубот, но се вратил да им помогне на оние кои сè уште биле внатре и не успеал да се спаси.
Андреј зад себе ги остави сопругата Наталија и ќерката Јана.
Утре во Скопје, на гробиштата во Лисиче во 12.00 часот ќе биде погребана и членката на бендот и професорка на Факултетот за музичка уметност (ФМУ), Сара Пројковска.

„Погребот на нашата драга и сакана, непребол, вонреден професор м-р Сара Пројковска ќе биде утре, 20.3.2025, четврток, на гробиштата во Лисиче. Телото ќе биде изложено во црквата Св. Петар и Павле во Лисиче од 12 часот“,
известија од Факултетот за музичка уметност – Скопје.
Сара зад себе остави две деца.
Двајцата членови на бендот ДНК настрадаа заедно со уште 57 лица во страотниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.