Изјавата на министерот за дигитална трансформација е одговор на прашањето како ќе постапи Владата ако Љупчо Коцевски одлучи да не поднесе оставка од функцијата државен јавен обвинител и покрај изгласаната интерпелација за неговата работа
Владата сè уште има право да ја продолжи постапката за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во вечерашното гостување на „Вести плус“ на Телевизија Канал 5.

Изјавата на Андоновски е одговор на прашањето како ќе постапи Владата ако Љупчо Коцевски одлучи да не поднесе оставка од функцијата и покрај изгласаната интерпелација за неговата работа во Собранието.
Вели дека (не)поднесувањето оставка е личен избор, но дека Владата принципиелно се држи до одлуката од пред неколку месеци и дека може да ја продолжи постапката за разрешување на Коцевски која беше стопирана по трагедијата во Кочани во која загинаа 62 лица.
„Интерпелацијата е политичка одлука во смисла дека Собранието коешто ве бира ви дава политичка недоверба, а потоа остава на вас како човек којшто држи до себе, има интегритет или нема, да одлучите во која насока ќе се движите, дали ќе поднесете оставка или не. Ние како Влада сè уште го имаме правото да ја продолжиме постапката која би требало да резултира со разрешување“,
вели Андоновски во интервјуто за „Вести плус“.
Претходно денеска, државниот јавен обвинител Коцевски во интервју за „Вечер“ изјави дека нема да поднесе оставка, туку дека уште повревносно ќе се посвети на работата, особено за неколкуте големи случаи по кои се постапува како „Онкологија“ и „Пулс“, за кои вели дека постојат многу цврсти докази.
Кон крајот на март годинава, премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата ќе ја запре постапката за разрешување на Коцевски, која беше покрената во февруари, непосредно пред трагедијата во Кочани. Мицкоски тогаш изјави дека постапката треба да остане во фазата во која се наоѓа во моментот поради настанатата трагедија и дека на 11-члениот обвинителски тим треба да му се даде шанса да работи на истрагата.