Министерот вели дека во земјата започнува проектот „Везилка“, Национален центар за вештачка интелигенција

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска го претстави проектот „Везилка“ – Национален центар за вештачка интелигенција, кој го оцени како капитален проект со историско значење за дигиталната трансформација на земјата.
Проектот, чија вкупна вредност изнесува околу шест милиони евра, се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија, преку програмата „Хоризон јуроп“ (Horizon Europe) и иницијативата „ЕуроХПЦ“ (EuroHPC), а е ко-финансиран од Министерството за дигитална трансформација и ФИНКИ, кој е носител на проектот.
„Ова е капитален проект со историско и национално значење – нова страница во дигиталниот развој на Македонија. Со ‘Везилка’, нашата држава станува активен дел од европската мрежа на центри за вештачка интелигенција. Ова е суштински чекор за нашата научна, технолошка и иновациска заедница“,
рече Андоновски.
Центарот „Везилка“ ќе функционира како придружна единица на европската АИ фабрика „Фарос“ (Pharos) со седиште во Грција, што ќе им овозможи на македонските истражувачи, компании и стартапи пристап до европски суперкомпјутери и напредни податочни простори.
Министерот посочи дека проектот има јасна општествена мисија – да создаде национален екосистем за одговорна и доверлива примена на ВИ во пет приоритетни области и тоа јазик и култура, здравство, енергетика, јавна администрација и земјоделство.
„Целта на овој проект пред се е системски развој на македонски јазични модели и дигитална заштита на културното наследство, анализа на податоци и подобрување на медицинските услуги, оптимизација на производството и потрошувачката на енергија, автоматизација на процеси и зголемена транспарентност и примена на паметни технологии за современо и одржливо производство“,
вели Андоновски.
Центарот, исто така, ќе функционира како центар за обука и развој на човечки капитал преку организирање тренинзи и едукативни програми.
Андоновски упати јавна покана до академските и научните институции, како и до приватниот сектор, активно да се вклучат во овој национален проект со европска димензија.
Инаку, денеска и премиерот Христијан Мицкоски кажа дека во Македонија ќе се отвори фабрика, односно центар за развој на вештачка интелигенција.
Вчера, пак, претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен објави дека во Македонија и Србија се отвораат „фабрики за вештачка интелигенција“ како дел од поширока иницијатива за вклучување на регионот во технолошкиот развој на Европа.