Министерот за дигитална трансформација рече дека тестирањето ќе се случи на Самитот во Скопје на 1 и 2 октомври каде што ќе има 800 учесници од над 20 држави

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски информира дека се подготвува тест-верзијата на Дигиталниот паричник и таа ќе биде презентирана на Дигиталниот самит на Западен Балкан кој ќе се одржи на 1 и 2 октомври во Скопје.
Во интервју за МИА, Андоновски укажа дека сите документи ќе бидат на мобилен телефон.
„Граѓаните треба да го замислат тоа како еден паричник со лични документи. Наместо да носите возачка дозвола и лична карта со вас како картички, можете да ги носите во вашиот мобилен телефон и, секако, сите услуги ќе бидат достапни таму. Тест-верзијата ја подготвуваме… мислам дека до крајот на годината веќе ќе имаме верзија којашто првпат ќе ја пласираме на сите отворени мрежи“,
рече Андоновски.
- По урнек на Украина, и македонските граѓаните ќе имаат лична карта и возачка дозвола на мобилните уреди – најавува министерот Андоновски
- (ВИДЕО) Интервју со министерот Стефан Андоновски
- Националниот електронски систем за управување со документи ќе се редизајнира и модернизира, најави Андоновски
Министерот, меѓу другото, информира дека на Самитот во Скопје ќе има 800 учесници од над 20 држави и оти целта била Скопје повторно да биде ставено на мапата на дигитално развиени економии.
Во однос на електронските услуги на граѓаните, министерот Андоновски вели дека целта е најкористените услуги од граѓаните да бидат достапни со еден клик.
„И порталот uslugi.gov.mk ќе го следи овој процес, иако ние веќе започнавме со еден редизајн минатата година. Секоја нова надградба на порталот ќе значи упростување на изгледот, и полесни и подостапни услуги за граѓаните и за компаниите. И ова е предвесник на севкупната дигитализација на услугите, што значи дека следната фаза ќе биде дигитализација на односот на бизнис-секторот кон државата“,
изјави Андоновски во интервјуто.