Проектот „Е-бебе“, како што информираат од кабинетот на министерот за дигитална трансформација, предвидува првиот извод родителите да го добијат в болница, најдоцна 48 часа од раѓањето на бебето
Од јануари следната година пријавувањето на новороденче, односно издавањето на првиот извод од матичната книга на родени ќе биде целосно автоматизирано, информира министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Проектот „Е-бебе“, како што информираат од кабинетот на Андоновски, предвидува првиот извод родителите да го добијат в болница, најдоцна 48 часа од раѓањето на бебето.

„Од почетокот на годината Министерството за дигитална трансформација формираше работна група помеѓу повеќе институции, меѓу кои МВР, Управата за водење на матичните книги, Министерството за здравство – Управа за електронско здравство и соодветните јавни здравствени установи, за постигнување целосна автоматизација во издавањето на првиот извод од матична книга на родени за новороденчиња“,
информираат од Министерството за дигитална трансформација.
Додаваат дека преку Националната платформа за интероперабилност и Националниот портал за услуги – uslugi.gov.mk се поврзани сите засегнати институции во процесот.
„Во втората фаза на проектот се поврзуваат и услугите за здравствено осигурување од Фондот за здравство, како и услугите на помош за новороденче кои ги издаваат Министерството за социјална политика, демографија и млади“,
посочуваат од министерството, додавајќи дека од родителите ќе се бара да имаат профил на ниско ниво на Националниот портал за услуги uslugi.gov.mk.
Проектот „Е-бебе“ е поддржан од канцеларијата на УНИЦЕФ.