Андоновски исто така објасни дека ова е само прв налог за забрана, бидејќи овие 53 се најкористените од нашите сограѓани и дека во следниот период ќе следат забрани за уште такви веб страници
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски го потпишал првиот налог за забрана на 53 нелегални приредувачи на онлајн игри на среќа.

„Со ова се забрануваат 53 портали коишто нелегално приредувале игри на среќа во Македонија и на коишто се прикачени македонски играчи на игри на среќа. Знаеме дека се од Македонија затоа што се приклучуваат од македонски адреси и ги трошат своите пари“,
изјави Андоновски во синоќешната емисија „За или против’’ на Алфа телевизија.
Министерот додаде дека овие веб страници кои се нелегални, за краток период ќе бидат забранети.
„Овие 53 портали се најактивните, што значи дека имаат најголем број на играчи и најмногу средства, налогот го испративме до АЕК која што во најбрз можен рок, а најдоцна до 7 дена, треба да го препрати до телеком операторите коишто се во Македонија, а тие веднаш да постапат и да ги забранат“,
додаде тој.
Андоновски исто така објасни дека ова е само прв налог за забрана, бидејќи овие 53 се најкористените од нашите сограѓани и дека во следниот период ќе следат забрани за уште такви веб страници. Тој дополни дека проблемот е и во тоа што парите и информациите што ги предаваат граѓаните кон овие страници, нема информација каде одат, а многу лесно може да се искористат на штета на граѓаните.
„Имаме група на приредувачи на игри на среќа коишто потекнуваат од Македонија, но веб страниците се регистрирани на некои други домејни, односно не се точка мк, туку точка нет, или точка ком и така натаму, знаеме дека се од Македонија и тука веќе имаме опасност затоа што тука може да се крадат средства. Не знаеме воопшто каде одат средствата на граѓаните, не знаеме каде одат нивните лични податоци коишто тие ги ставаат на тие портали. Затоа и ги таргетиравме најкористените портали, а веднаш во следниот период, кога ќе помине оваа прва фаза, подготвуваме втор налог и мислам дека во рок од еден месец, ќе стигнеме и до 160 портали“,
рече министерот Андоновски.