Говорејќи за придобивките, тој оцени дека „роаминг како дома“ е едно ниво подолу од визната либерализација и голема придобивка за граѓаните
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски очекува годинава да се заокружи процесот за „роаминг како дома“ со ЕУ и смета дека почнатите активности во меѓувреме ќе ги мотивираат телеком-операторите да им излезат во пресрет на граѓаните со трошоците при патувања во странство.

„Минатата година имаше определено поместување кај еден од телеком-операторите со надолно регулирање на цените во роаминг, кај другиот оператор имаше други политки, попусти или дополнителни погодности, така што мислам дека ова ќе ги мотивира телеком-операторите. Имаме добра соработка со нив, но овој дел, поддршка на граѓаните или помош на граѓаните кога патуваат навистина не е голема сума за нив, а за граѓаните е голема погодност да не мора да вадат нова СИМ-картичка, туку едноставо да го активираат пакетот од некој од домашните оператори“,
рече Андоновски во „Топ тема“ на ТВ Телма.
Говорејќи за придобивките, тој оцени дека „роаминг како дома“ е едно ниво подолу од визната либерализација и голема придобивка за граѓаните.
„Во време на дигитализација да им дозволите на сопствените граѓани слободно да патуваат и притоа да не треба да трчаат до трафика да најдат СИМ-картичка или да бараат која СИМ-картичка е прифатена во таа држава, да плаќаат дополнителни трошоци или да имаат скриени трошоци кај своите домашни телеком-оператори ако некој случајно им заѕвони на телефонот, а се некаде во Европа, е навистина нешто што е придобивка од заедничкиот пазар“,
посочи Андоновски.
Според него, ако постоел притисок од регионот и од Македонија, порано ќе сме го фателе рокот и со Украина и со Молдавија.
„Процесот доби на динамика кога побара Украина, заради миграцијата од војната, но кога ќе ги исполните условите дома, многу е лесно да лобирате“,
рече министерот.
Тој нагласи дека е неблагодарно да кажува рокови за завршување на преговорите и да се ефектуира одлуката за „сурфај како дома“ и повтори дека државава ќе ги исполни своите обврски до средината на март само ако добиеме позитовен одговор од ЕУ дека законот е добар.
„Потоа вегуваме во преговори, ќе зависи и од ЕУ, од институциите во Европската комисија, но и од земјите членки кога ќе го завршат процесот, но да бидам оптимист дека годинава можеме да го заокружиме овој процес“,
наведе Андоновски.
