„Досега вложивме многу во делот на инфраструктурата, обука на вработените, подготовка на протоколи за координација со институциите, како и вежби со нашите НАТО и ЕУ-партнери. Во овој дел, го финализираме и планот на развој на овој центар, со што имаме за цел да бидеме активен играч во делот на кибербезбедноста“, порача министерот за дигитална трансформација
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски најави формирање владин центар за одговор на киберинциденти како следна фаза во јакнењето на националната кибербезбедност. Ваквиот центар, како што рече, ќе биде централна институција за заштита на националните дигитални системи.

Министерот ова го најави во текот на своето обраќање на форумот „Технологии и добри практики во сајбер-безбедноста. Искуства од Република Италија“ што денеска се одржа во Скопје. Ги претстави и досега преземените чекори во поглед на кибербезбедноста во земјава.
„По првпат донесовме Закон за кибербезбедност, кој е по стандардите на Европската Унија и со кој поставуваме јасна рамка за управување со ризици, брз одговор на инциденти и координација меѓу институциите. Тоа е сигнал дека Македонија е подготвена да функционира безбедно дури и во време на комплексни дигитални закани“,
истакна министерот.
Во оваа смисла Андоновски го спомена и носењето на новата Национална стратегија за кибербезбедност, а создавањето на новиот владин центар за одговор на киберинциденти (GOVCIRT) го најави како централна институција за заштита на националните дигитални системи.
„Досега вложивме многу во делот на инфраструктурата, обука на вработените, подготовка на протоколи за координација со институциите, како и вежби со нашите НАТО и ЕУ-партнери. Во овој дел, го финализираме и планот на развој на овој центар, со што имаме за цел да бидеме активен играч во делот на кибербезбедноста“,
рече Андоновски и додаде дека во фокус на Владата е создавање безбеден, стабилен и модерен дигитален екосистем.
