„Секој нов предмет што ќе пристигне во Обвинителството, како кривична пријава или претставка од граѓани, веднаш да биде електронски заверен. Тогаш нема да може одредени обвинители да речат дека го заборавиле предметот, дека го нема или дека се загубил оти раководителите во институцијата ќе можат да ги следат тие предмети“, вели министерот
Владата му нуди на Обвинителството преземање на државниот систем за управување со документи и електронска архива, со цел спречување на можностите за корупција или намерно одолговлекување на предметите, вели министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во гостување во ТВ Алфа и посочува дека дел од државните институции веќе користат таков систем.

„Мој предлог е Обвинителството да го преземе Националниот документ менаџмент систем со електронска архива. Секој нов предмет што ќе пристигне во Обвинителството, како кривична пријава или претставка од граѓани, веднаш да биде електронски заверен. Тогаш нема да може одредени обвинители да речат дека го заборавиле предметот, дека го нема или дека се загубил оти раководителите во институцијата ќе можат да ги следат тие предмети. На тој начин бришеме уште една можност за корупција“,
рече тој.
Според него, со имплементација на овој систем точно ќе се знае кога предметот влегол, каде е распределен, кој е одговорен за него и колку време стои во одредена фаза на постапката.
Преку платформата за операбилност, како што додава, е овозможена лесна, безбедна и заштитена меѓуинституционална комуникација што го крати патувањето на документите на една секунда.
Доколку Обвинителството покаже решителност за примена на овој систем, како што вели, Владата е подготвена да помогне со ресурси и кадар и додаде дека таквите барања мора да бидат оправдани со конкретни резултати и решени случаи.
„Со овој чекор повеќе нема да има предмети чувани по фиоки или заборавани“,
кажа министерот.
Овој систем, како што вели, активно го користат 45 институции.
