Андоновски најави и дека на Самитот на Западен Балкан за дигитализација што ќе се одржи на 1 и 2 октомври во Скопје ќе биде претставена македонската апликација за дигитална лична карта и возачка дозвола. Од тој ден електронскиот облик на овие документи ќе биде тест верзија и ќе може секој граѓанин да ја симне и тестира

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели дека државата има капацитет да биде спроведен дигитален попис, а таргетот е тоа да биде во 2026 година.
Андоновски, во интервју за Дневникот на ТВ Сител истакна дека и покрај тоа што светските правила предвидуваат редовен попис во 2030 или 2031 година, Владата е свесна за потребата од ревизија на методологијата од 2021 година, која, како што посочи, се покажа со одлуката на Уставниот суд дека не е добра. Затоа, рече тој, уште во април годинава е формирана широка работна група со цел да се создадат услови за спроведување на дигитален попис во 2026 година.
„Имаме капацитет за спроведување на дигитален попис и тоа е дел од владината програма. Имаме одлична алатка во нашето министерство – централен регистар на население, кој ги собира податоците од Министерството за внатрешни работи, Управата за водење матични книги и Централниот регистар. Во овој период активно ќе работиме на прочистување на податоците и дополнување на базите за да бидеме подготвени за процесот, без разлика дали политичките институции ќе решат тоа да биде во 2026 или редовно во 2031 година. Таргетот е 2026 година. А, дали ќе се спроведе тогаш, треба да бидеме подготвени“,
изјави Андоновски посочувајќи ја Словенија како пример за земја со одлична дигитална алатка за попишување.
Андоновски најави и дека на Самитот на Западен Балкан за дигитализација што ќе се одржи на 1 и 2 октомври во Скопје ќе биде претставена македонската апликација за дигитална лична карта и возачка дозвола. Од тој ден електронскиот облик на овие документи ќе биде тест верзија и ќе може секој граѓанин да ја симне и тестира.
Оваа апликација, рече Андоновски, ќе функционира како „електронски паричник“, сличен на оние во Европската Унија, нудејќи алтернатива за граѓаните да не носат лични документи со себе.
„Грција е одличен пример, а сè уште многу зад нас се останатите држави од Балканот“,
рече Андоновски.
Инаку, денеска во Собранието беа донесени четири клучни закони од реформската агенда за дигитална трансформација: Законот за електронските комуникации, Законот за безбедност на мрежни и информациски системи, Законот за изменување и дополнување на Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, како и Законот за архивски материјал и архивска дејност.
Андоновски истакна дека ова е сериозен зафат и дека со темелна дискусија се донесени квалитетни законски решенија усогласени со легислативата на ЕУ за дигитална трансформација.
Министерот, исто така, потенцираше дека порталот uslugi.gov.mk постојано се развива, нудејќи сè повеќе нови услуги за граѓаните. Бројот на корисници достигна 6 300 на месечно ниво, а задоволен е што порталот сега го користат и институциите, како што се судовите, кои ги прифаќаат сите потврди, вклучувајќи ги и оние за неосудуваност.
Тој најави и дека ќе згасне e-системот за вадење изводи од Управата за водење матични книги, со цел да се избегне паралелно функционирање, па изводите ќе се вадат исклучиво преку порталот uslugi.gov.mk.
За поголема функционалност и интеракција со корисниците, тој ја најави услугата „електронско сандаче“, која ќе служи како адреса за добивање информации и известувања.
Премиерот Христијан Мицкоски, вчера, на собраниската седница посветена на пратенички прашања предложи следната година да се спроведе вонреден електронски попис на населението, но тоа го услови со прифаќање на една изборна единица, и тоа, како што кажа, веднаш.
Денеска, пак, Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање, изјави дека треба да се види дали има основа за кривична одговорност поради користењето на ваквата методологија на пописот во 2021 година.
Вчерашната одлуката на Уставниот суд за укинување на делови од Методологијата за попис на населението кои се однесуваа на категориите „резидентно“ и „нерезидентно“ население отвори дебата во јавноста.
Уставниот суд вчера соопшти дека на седницата одржана ден претходно оцениле дека категориите „резидентно“ и „нерезидентно“ населени од Методологијата за пописот од 2021 година не се во согласност со темелната вредност на македонскиот уставен поредок – владеењето на правото, кое е уредено со член 8 став 1 алинеја 3 и уставната обврска сите прописи да се усогласат со законите и Уставот, уредена со член 51 од Уставот, потоа членовите 6, 7 и 17 став 2 алинеја 1 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Северна Македонија во 2021 година.
При разгледувањето и одлучувањето по предметот уставните судии оцениле и дека директорот на Државниот завод за статистика ги пречекорил своите надлежности и со подзаконски акт извршил категоризирање на резидентно и нерезидентно население, за што нема законско овластување.