„Ако некој граѓанин смета дека сака да си ја заврши услугата хартиено, таа била нудена на тој начин, тоа ќе продолжи да го прави и во пракса“, вели министерот

Граѓаните сакаат да ги користат електронските услуги ако тие им ја завршат работата. Бројот на корисници на Националниот портал за е-услуги е двојно зголемен во однос на почетокот на годината, достигнувајќи над 240 000 корисници, додека Системот за единствена најава (СЕН) го користат повеќе од 300 000 граѓани.
Овие податоци ги соопшти министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на денешната прес-конференција и нагласи дека ова е јасен показател оти јавноста е подготвена да ја замени хартијата со дигитални документи доколку тоа им заштедува време.
„Никој од нас не сака да чека редови и тоа да го прави хартиено доколку може да си извади електронски документ“,
рече Андоновски.
На прес-конференцијата, на која беа претставени четири нови услуги на Фондот за здравствено осигурување, кои отсега се достапни и на Националниот портал за услуги – uslugi.gov.mk, Андоновски посочи дека во целиот овој процес се зазема еден стратегиски пристап, односно никогаш нема да се дозволи услуги што постоеле на хартија да бидат заменети со целосно електронски услуги доколку тоа не е во корист на граѓаните.
„Ако некој граѓанин смета дека сака да си ја заврши услугата хартиено, таа била нудена на тој начин, тоа ќе продолжи да го прави и во пракса. Што се однесува до новите услуги што ги нудиме, како што беа ваучерите за студентите, намерно стратешки решивме тие да бидат исклучиво преку порталот за услуги за да ги научиме дека може и треба да го користат, да го промовираме кај помладите“,
додаде Андоновски.
Тој рече дека од денеска услугите од Управата за водење на матичните книги – изводи од родени, венчани, умрени и потврда за слободна брачна состојба – се целосно мигрирани на Националниот портал, што ќе овозможи поголема ефикасност и подобра контрола врз брзината на издавање на документите.
На порталот uslugi.gov.mk од денеска се достапни четири нови услуги на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и тоа потврди за пријави и одјави во задолжително здравствено осигурување, потврда за статус на осигурено/неосигурено лице и платен придонес, потврда за исплатен надоместок за боледување, а за правни лица и потврда за платен придонес за здравствено осигурување.
