Агенцијата за национална безбедност ги доставила до Јавното обвинителство сите информации што се побарани од нив во врска со случајот со пронајдените доверливи документи кај пратеничката Фросина Ременски, потврди денеска директорот на Агенцијата, Виктор Димовски.
„Сè она што е побарано, соодветно расположливата документација, информирани се надлежните институции“,
рече Димовски на новинарско прашање во врска со случајот со „Меѓународниот сојуз“, познат како „Рекет 2“ .
Во рамки на истрагата „Рекет“, кај пратеничката Фросина Ременски беа пронајдени доверливи документи за кои таа тврдеше дека станува збор за документи што кријат кривични дела и криминал, за наводна нелегална употреба на македонски агенти на УБК надвор од државата.
Запрашан за наводни злоупотреби во работата на АНБ, Димовски рече дека Агенцијата за национална безбедност функционира четири месеци, од 1 септември минатата година, и оти во изминатиот период се направени значајни чекори, според нивната оценка и оценката од нивните партнери со кои комуницираат, укажувајќи на успешно завршениот процес на селекција на кадрите од поранешната УБК.
*Поврзана вест