Ова го покажува анализата на Годишниот извештај за вработените во јавниот сектор за 2021 година
Во јавниот сектор во земјава, заклучно со 31 декември лани, биле вработени 132 088 лица во 1 346 институции. Споредено со лани, има околу 900 вработени повеќе, а единствено намалување за околу 600 лица има во органите на државната власт.
Најголем дел вработените во јавниот сектор работат во образование, повеќе од половината имаат најмалку високо образование, а просечната старост на вработените е 46 години.
Ова го покажува анализата на Годишниот извештај за вработените во јавниот сектор за 2021 година што денеска го презентираше министерот за информатичко општество и јавна администрација Адмирем Алити.
„19 311 лица работат во АРМ, МВР, АНБ, Агенцијата за разузнавање и Управата за финансиска полиција и за нив поради специфичноста на дејностите не се презентираат подетални анализи. Тие се прават за останатите 112 777 вработени во целиот јавен сектор. Во Владата, министерствата, органите во нивен состав, органите на државната управа… се вработени 15 302 лица. Најголем е бројот на вработени лица се во образование, со 33 отсто, потоа во здравство 19 отсто, комуналните дејности на јавните претпријатија со 9 проценти од вкупниот број вработени…“,
рече Алити.
Во споредба со истиот период лани, бројот на вработени во јавниот сектор е зголемен за 905 лица. Намалување на бројот на вработени има во органите на државната власт, каде во 2020 работеле 15 945 лица, а во 2021 година 15 302 што е намалување за 643 вработувања.
Во 2021 е зголемен број лица со високи образовни квалификации, односно повеќе од половината од вработените во јавниот сектор имаат најмалку високо образование. Од нив, 4 753 се магистри и 2 575 се доктори на науки.
Од Извештајот може да се види дека поголем број од вработените или 55,3 отсто се жени, а 44,7 отсто мажи. Просечна возраст на вработените во јавниот сектор е 46 години. Во однос на етничка припадност на ниво на цел јавен сектор Македонците се застапени со 73,57 проценти, Албанците со 20,35, Турците со 1,95, Ромите 1,19, Србите со 1,07 проценти….
Алити информира и дека во тек е проект со кој, како што рече, се предвидени едни од најхрабрите промени во администрацијата кои ќе подразбираат целосна реорганизација на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби на хоризонтално ниво, елиминирање на секакво поклопување на надлежностите на институциите и воведување јасна хиерархиска подреденост согласно надлежностите на институцијата.
„Еден од најважните производи на проектот – Интегрираниот извештај кој ги сумира сите предлози за реорганизација на институциите беше усвоен на седница на Владата од 8 март годинава. Овие препораки се важни како потоказ за реорганизација на министерстките системи. Со усвојувањето донесена е одлука МИОА, МЗШВ и Министерството за економија да бидат пилот министерски системи кои ќе почнат со процесот“,
посочи Алити.
Тој информира дека во изработка се и закони поврзани со јавната администрација – законите за висока раководна служба, за вработените во јавниот сектор, и за административни службеници. Тие, рече, во нацрт-верзија биле објавени на ЕНЕР заради транспарентност и собирање коментари од засегнатите страни.