Истражувањето на невладината организација „Сите за правично судење“ покажува дека само во последниве четири години бројот на судии е намален за околу една четвртина. Во март 2020-тата година во земјава имало 494 активни судии, за во март 2024-тата таа бројка да се намали на 369 судии
Недостасуваат и јавни обвинители. А и бројот на стручни соработници по судовите и јавните обвинителства е под европскиот просек
За само четири години, од март 2020 до март 2024 година бројот на судии во земјава е намален за една четвртина. Во исто време, бројот на предмети се зголемува. Доколку продолжи ваквата состојба, може да се очекува за десет години бројот на активни судии да се намали до толку што системот нема да може да функционира, или сo други зборови – ќе колабира.
Намалување има и на бројот на јавните обвинители, но за разлика од судовите, ситуацијата не е толку сериозна. Кога станува збор за јавните обвинителства, таму се јавува друг проблем, кој се однесува на недостигот на вработени кои се дел од јавнообвинителската служба, односно стручни соработници. Недостигот на ваков кадар е присутен и во судовите, а со овие вработени и во двете институции лошо се менаџира и не добиваат можности за стручно усовршување и напредување во кариерата.
Ова, сумирано во неколку реченици, се заклучоците од истражувањето на невладината организација Коалиција „Сите за правично судење“, насловено „Состојба со човечките ресурси во судовите и јавните обвинителства во Република Северна Македонија“.
Истражувањето, чија конечна анализа ќе биде објавена следниот месец, укажува на негативните состојби кога станува збор за екипираноста на овие институции од аспект на судии и обвинители. Но, и од аспект на стручните служби кои се под европскиот просек.
„Несомнено дека влијае на неефикасното постапување на судовите и јавните обвинителства. Ќе има задоцнета правда или ќе има неквалитетна правда, што и едното и другото се неправда“,
вели Лејла Тутиќ, правен истражувач во Коалицијата „Сите за правично судење“.
Сепак, резултатите од истражувањето во кое се опфатени сите 34 судови и 28 јавни обвинителства покажуваат дека ако остане ваквата состојба, освен делењето „неправда“, на Северна Македонија ѝ се заканува целосен колапс на правосудниот систем.
За пет години 125 судии помалку
Бројките презентирани на денешниот брифинг покажуваат дека за само четири години бројот на активни судии се намалил за 125 . Имено, ако во 2020 година во државата имало 494 активни судии, на 1 март 2024 (датум што невладината го избрала случајно како конкретен датум за споредба на затекната состојба за секоја година) во земјава имало 369 или една четвртина помалку од пред четири години.
Намалување на бројот на судии има во речиси сите судови. Исклучок има само во три судови, каде што бројката во изминатите пет години останала иста. Станува збор за помалите судови во Виница, Берово и Свети Николе. Единствен кој бележи зголемување е Апелацискиот суд во Гостивар, каде во 2024 има еден судија повеќе за разлика од пред пет години.
Намалување на бројот на судии има во сите четири апелациски подрачја во државата, а најалармантна е ситуацијата во битолското апелациско подрачје, каде што намалувањето е за дури една третина.
„Доколку го имаме предвид овој податок сосема очекувано е дека за некоја деценија од сега бројот на судии коишто работат во судовите ќе биде толку многу мал што едноставно системот нема да може да функционира и ќе колабира“,
посочува Тутиќ.
Што се однесува до соодносот меѓу приливот и одливот на судии, Судскиот совет за овој период од пет години успеал да изврши избор на 52 нови судии, односно успеал да надомести една третина од вкупниот одлив за период од пет години, беше кажано на брифингот. Но, од одлуките што Судскиот совет ги има донесено за пополнување на испразнетите места во судовите дури 65 отсто од избраните судии се за позиции во Основниот граѓански и Основниот кривичен суд во Скопје.
Расте бројот на предмети
Додека бројот на судии се намалува, расте бројот на судски предмети, покажува истражувањето. Тој е зголемен за речиси 40 проценти, од 118 004 колку што имало во март 2020 година, на 161 277 во истиот месец годинава. Имајќи го во предвид намалувањето на бројот на судии и зголемувањето на бројот на предмети, истражувачите пресметале дека во просек, еден судија денеска има 83 отсто повеќе работа отколку во 2020-та година.
Ваквата состојба, сепак, варира од суд до суд. Според истражувањето, најалараманто е во Основниот суд во Прилеп. Таму, низ години бројот на предмети се зголемил за дури 375 проценти. Но, во Врховниот суд, пак, на пример има намалување од 47 проценти.
„Ако во 2020 судија во просек имал 239 предмети, во 2024 година има 437 предмети во работа во даден момент. Сето ова резултира или со задоцнета правда, што е неправда, или пак со неквалитетна правда“,
беше кажано на брифингот.
И кај јавните обвинители има намалување на кадарот, но состојбата овде е, условно кажано, подобра во однос на судовите. За четири години бројот на обвинители се намалил за 16, односно од 193 во 2020 година на 177 во март 2024 година.
Зголемување на предметите има и кај обвинителствата. Во просек за 14 по обвинител. Тоа значи дека еден обвинител пред четири години во просек имал на работа 64 предмети, а годинава таа броја е 73.
Кога станува збор за намалувањето на бројот на јавни обвинители, исклучок е Вишото јавно обвинителство Гостивар. Таму се зголемил бројот на јавни обвинители за пет, што во споредба со пред четири години е за 23 отсто повеќе.
Стручните соработници се под европскиот просек
Сепак, за да функционираат судовите и обвинителствата, освен судии и обвинители, важна алка во механизмот се и стручните соработници кои исто така се опфатени во анализата.
„Она што произлезе од ова истражување е дека недоволно внимание се посветува на вработените коишто се дел од судската и од јавнообвинителската служба, како во поглед на условите за работа, така и во поглед на можностите коишто им стојат на располагање во насока на кариерно унапредување, како и стручно усовршување“,
вели Тутиќ.
Од невладината посочуваат дека има исклучително нерамномерна распределба на вработените во судската и во јавноообвинителската служба.
Во судовите просекот на вработени е 5,59 по судија. Но, она што велат дека треба да се нотира тука е што овде не спаѓаат само стручните сортаботници, туку и вработени што вршат „помошно-технички работи“, како што се возачи, вработени во бифе, хигиеничари, хаусмајстори, ложачи на парен котел итн. Доколку се земат само стручните соработници, тогаш сликата е поинаква.
Според истражувањето, во земјава има 1,44 стручен соработник по судија, што е под европскиот просек од 2,05.
Од вкупно 34 судови во земјава, само седум се над европскиот просек, четири се во неговите рамки, а 23 се под просекот.
За стручните соработници во јавните обвинителства, пак, европскиот просек изнесува 1,44 по обвинител. Меѓутоа, ниту едно обвинителство во земјава не е во тие рамки. Шест обвинителства се над просекот, додека останатите 22 се под европскиот просек.
Анализата на Коалицијата „Сите за правично судење“ е изработена во рамките на годишната програма за работа која е финансиски поддржана од Европската комисија преку Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија.