Продажбата на автомобили во Германија нагло падна во јуни, покажаа официјалните податоци од средата. Регистрирани се 224 558 нови автомобили, што е за 18,1 отсто помалку во однос на истиот месец лани, соопштија надлежните. Во првата половина од годината се регистрирани нешто повеќе од 1,2 милиони нови автомобили, за 11 отсто помалку од истиот период лани, кој беше најлош во историјата
Се проценува дека, поради различни проблеми, годинава ќе се произведат и до 700 000 возила помалку отколку што беше планирано на почетокот на годината, што значи дека автомобилската индустрија нема да закрепне ни оваа година од шокот од пандемијата во 2020 и 2021 г.
Доаѓаат лоши денови за автомобилската индустрија во Германија, која вработува повеќе од 800 000 луѓе, анализира хрватски „Индекс“. Зголемени трошоци за енергија, одложени испораки на делови, нарушени синџири на снабдување, недостиг на микрочипови, намалена купопродажба на автомобили – проблемите, едноставно, се трупаат и растат.
Германија е четврта земја во светот според вкупното производство на автомобили и една од најконкурентните во таа индустрија. Автомобилите се главниот извозен производ, а гледајќи го вкупниот извоз на сите видови возила, овие производи учествуваат со 15 до 20 проценти од вкупниот извоз.
Се проценува дека, поради различни проблеми, годинава ќе се произведат и до 700 000 возила помалку отколку што беше планирано на почетокот на годината, што значи дека автомобилската индустрија нема да закрепне ни оваа година од шокот од пандемијата во 2020 и 2021 г.
Во 2020 година беа произведени 3,5 милиони автомобили, а во 2021 година 3,1 милиони. Ова е многу помалку од претходните бројки, кои се приближија до вкупно производство од 6 милиони автомобили годишно. Се очекуваше опоравување оваа година, но очигледно тоа нема да се случи.

Проблемите започнаа пред пандемијата
Иако беше таргетирано вкупно производство од 6 милиони автомобили, што би било највисоко во историјата, уште во 2019 година производството падна на само 4,7 милиони автомобили, најниско од 1997 година. Извозот се намали на само 3,5 милиони, 13 отсто помалку од претходната година.
Ова беше причина за тревога и прв сигнал дека автомобилската индустрија во Германија ја губи својата глобална конкурентност. Падот беше повеќе од очигледен. Додека во 1998 година повеќе од 11 отсто од новите автомобили во светот доаѓаа од Германија, уделот падна на помалку од 6 отсто.
Причината за падот на производството во 2019 година беше слабата побарувачка во странство. Така, извозот падна за 13 отсто, а бројот на регистрации на нови автомобили во Германија порасна за 5 отсто. Друга причина беа новите регулативи на ЕУ поврзани со емисиите на CO2 од автомобилите.
Заедно со трговската војна меѓу САД и Кина, како и Брегзит, токму слабеењето на економската активност во Германија беше причина за стравувањата од рецесија таа година. Нарачките од странство се намалуваа, а во вториот квартал дојде до пад на БДП.

Пандемија – најмало производство на автомобили во историјата на Германија
Во 2020 година производството се намали уште повеќе – на 3,5 милиони автомобили. Тоа е најмалото производство во историјата, односно од обединувањето на двете Германии во 1990 година. Се стравуваше дека до 400 000 работници ќе останат без работа, што ќе биде голем социјален товар за државниот буџет.
Причините беа избивањето на пандемијата на ковид-19, воведувањето мерки за борба против ширење на болеста, а со тоа и прекин на патувањата и користењето автомобили. Патувањето меѓу државите беше долго време забрането, меѓу различни региони дозволено во ретки ситуации, а многу работници наместо од канцеларија почнаа да работат од дома, па автомобилот стануваше се помалку потребен.
Фабриките беа целосно затворени со недели, а поголемиот дел од годината работеа со помал дел од својот полн капацитет. Самото производство беше отежнато и забавено со мерките против ширење на вирусот на работното место. Покрај носењето маски и мерењето температура, компаниите често го проверуваа нивото на кислород во крвта на работниците.
Автомобилската индустрија беше една од најтешко погодените за време на пандемијата, по воздухопловната и хотелиерско-угостителската индустрија, според истражување од јануари 2022 година. Овие индустрии зависат од човечката мобилност, која беше насилно ограничена. Секојдневното пазарење продолжи, но луѓето ги намалуваа поголемите трошоци, како што е купувањето автомобили.

Недостиг на чипови
Со влегувањето во 2021 година, отворањето на погоните и обновувањете на побарувачката, доаѓаат нови проблеми. Се појавува недостиг на чипови. Додека продажбата и производството на автомобили опаднаа во претходните години, итовремено растеа купувањето и производството на лаптопи, конзоли за игри и телевизори, бидејќи луѓето бараа извор за забава со оглед на тоа што речиси целото време го поминуваа дома.
Ова доведе до тоа производителите да се фокусираат на задоволување на тој сегмент од пазарот, намалувајќи го производството на чипови за автомобилската индустрија. А денешните автомобили користат многу електроника, па затоа бараат и многу чипови.
Нивното производство е сложен процес и потребно е многу време да се пренамени производна линија од изработка на еден во друг чип. Ова се случи во вториот квартал на 2020 година, на самиот почеток на пандемијата, кога паднаа нарачките за чипови од автомобилската индустрија, а производителите се фокусираа на чипови за лаптопи, телевизори и конзоли.
Производството на автомобили закрепна по повторното отворање на фабриките, вклучително и во Германија, па беше обновена и побарувачката за чипови што се користат во автомобилската електроника. Но, требаше повторно да се врати производството на автомобилски чипови, што бара време.
Едноставно, радикалните промени во побарувачката и производството предизвикаа нестабилност во синџирите на снабдување, создавајќи „тесни грла“ и недостиг на чипови, принудувајќи ги фабриките да го намалат, па дури и да го стопираат производството.
„Тоа е уште еден јасен знак за рецесија“
Дамир Ванѓелиќ, поранешен прв човек на Фондот за обнова и претседател на здружението ЗРИН, ги коментираше состојбите во автомобилската индустрија во Германија, но и пошироко.
„Постојат неколку причини за очекуваниот пад на производството на автомобили. Самата најава за рецесија ги тера особено дисциплинираните Германци да го преиспитаат својат комфор и да се ослободат од она од што најлесно може да се откажат. Тоа е, на пример, одлуката да купат нов автомобил“,
вели тој.
Продажбата на автомобили во Германија нагло падна во јуни, покажаа официјалните податоци од средата. Регистрирани се 224 558 нови автомобили, што е за 18,1 отсто помалку во однос на истиот месец лани, соопштија надлежните. Во првата половина од годината се регистрирани нешто повеќе од 1,2 милиони нови автомобили, за 11 отсто помалку од истиот период лани, кој беше најлош во историјата.
Тесла ефект
„Постои и предизвикот со синџирот на снабдување со елементи неопходни во производството. Интересен е т.н. Тесла-ефект и преминот кон електрични возила, кои се попопуларни поради растот на цените и надоместоците за фосилните горива“,
вели Ванѓелиќ.
Продажбата на електрични и хибридни возила навистина падна помалку во првата половина од годината, за 3,2% на годишна основа, многу помалку од продажбата на автомобили со мотори со внатрешно согорување. Синџирите на снабдување сè уште не се опоравени и тоа значајно го отежнува производството. Дополнително, трошоците се зголемија и поради поскапувањето на енергенсите, особено на гасот.
„За ЕУ, ова е уште еден јасен знак за рецесија. Но, оваа рецесија ќе има и позитивен ефект и ќе ја ублажи инфлација. Стагнација и рецесија беа најавувани пред пандемијата и војната во Украина, а сега само ги интензивираа и забрзаа сите компоненти на рецесијата За Хрватска тоа значи дека, заедно со сета наша локална неефикасност и лоша структура на економијата, ќе не заплисне и бранот рецесија што доаѓа од ЕУ“,
заклучува Ванѓелиќ.