Минатогодишното работење им донело добивки на Авицена, Биотек и Никоб лаб, но ги одвело во минус Синлаб и Рамус

Милионските добивки што приватните лаборатории ги направија за време на пандемијата веќе ги нема. Две од петте најголеми лаборатории влегоа во минус, покажува анализата на порталот „Пари“, направена во соработка со компанијата за деловни и бонитетни информации „Таргет груп“ и платформата Бизнисмрежа.мк.
Секако, приватните лаборатории и понатаму се значајна алка во здравствениот систем и речиси сите имаат склучено договори со Фондот за здравствено осигурување, па дел од нивните услуги се добиваат со партиципација, како и во државните клиники. Директно од граѓаните или преку префрлање од Фондот, петте најголеми лаборатории: Авицена, Биотек, Синлаб, Никоб лаб, и Рамус лани оствариле вкупен приход од 12 милиони евра, додека во 2021 година, кога сѐ уште царуваше пандемијата, нивниот приход бил над 21 500 000 евра. Односно, 80 отсто повеќе од ланската реализација.
Минатогодишното работење им донело добивки на Авицена, Биотек и Никоб лаб, но ги одвело во минус Синлаб и Рамус.
Приходи и добивки на лабораториите во 2022 и во 2021 година (во евра)
Загрозено работењето на Рамус и Синлаб?
Од податоците може да се забележи дека приходите на сите лаборатории се намалуваат, освен на Рамус, која во 2022 реализирала малку поголеми приходи отколку во 2021 година. Но, за разлика оттогаш, кога остварила и нето-добивка која била нешто над 10 проценти од приходите, годинава влегла во загуба. Во 2021 година приходите ѝ биле 528 000 евра, а добивката изнесувала 58 600 евра. Лани приходите изнесувале 550 000 евра, но евидентираната загуба е дури 250 000 евра. Бонитетните анализи покажуваат дека Рамус остварува поголеми парични средства во 2022 година во однос на 2021 година, како резултат на зголемените краткорочни кредити кои директно влијаат врз растот на парите.
Втората компанија која исто така остварила загуба е Синлаб. Во 2021 година имаше нето-добивка од 920 000 евра, при остварен приход од 3 800 000 евра. Сепак, со приход од 2 500 000 евра, во 2022 година заработи минусно салдо од 11 500 евра.
Бонитетната агенција „Таргет груп“ предупредува дека овој финансиски резултат (и покрај добивките од претходната година) може да го загрози натамошното нивно работење.
„Забележливо е дека Рамус Скопје и Синлаб Скопје немаат поврат на средства во 2022, поради лошите финансиски резултати остварени во текот на годината, односно поради нето-загубата. Компаниите кои остваруваат нето-загуба од работењето (Рамус Скопје и Синлаб Скопје) имаат и оперативна нето-загуба. Тоа значи дека не успеваат да остварат позитивна разлика помеѓу приходите од работењето и расходите од работењето. Ваквата состојба е особено значајна и ризична за компаниите, бидејќи означува дека немаат добивка од своето редовно работење. Сѐ понатаму земено предвид не ја менува состојбата, поради тоа што сите останати финансиски приходи и расходи имаат непостојан, односно времен карактер и не значи дека се повторливи и во наредните години. Од една страна тоа означува дека компанијата со остварената нето оперативна загуба го загрозува своето понатамошно работење“,
оценија експертите од „Таргет груп“.
Дел од лабораториите претерале со задолжувањето
Анализата на податоците покажува дека Рамус и Никоб лаб имаат голем процент на задолженост, така што тие се финансираат од туѓи извори на средства. Овој тренд бил присутен и во 2021 година. Другите компании од списокот имаат ниска задолженост.
Процентот на задолженост покажува колкави се вкупните обврски во однос на вкупните средства со кои располага компанијата. Притоа, кредитите се само еден дел од вкупните обврски.

Анализата на „Пари“ покажува и дека две лаборатории се задолжиле за да инвестираат.
Целата анализа можете да ја прочитате ТУКА.