Борисов е проевропски ориентиран лидер и премиер со само неколку прекини во извршувањето на оваа функција. Тој беше подложен на разни напади во последните години, пишува во анализата
Радев, како што се наведува, е еден од најревносните „бранители на бугарскиот национален интерес“ кога е во прашање С Македонија. Неговите позиции варираат од барање да се потпише анекс на „лошиот договор“, до барање за инкорпорирање на ново поглавје во рамката за преговори
Етикетирањето на Бугарите е начинот на кој Кремљ сака да се одвива оваа игра. Генерализирањето и обвинувањата кон бугарскиот народ ги прикриваат вистинските центри на моќ кои се под влијание на Кремљ и кои сакаат да поттикнат национализам, омраза и поделби низ целиот регион, пишува во анализата со наслов „Генерализација – игра која сака да ја игра Кремљ“, објавена од Ф2Н2, независен проект за борба против лажни вести и наративи, на Граѓанската асоцијација МОСТ.

За да се разбере комплексноста на бугарскиот политички контекст мора да се земе предвид кои се моменталните актери на сцената, пишува Ф2Н2 во својата последна објава, која вели е со цел да се прикаже што се случува во бугарската политика, кои се најважните карактеристики на политичките партии и да се направи осврт на руското влијание во нив.
Кои се партиите на власт во Бугарија?
Бугарското владејачко мнозинство во моментов го сочинуваат 134 од вкупно 240 пратенички места во Националното собрание. Најбројни во власта се пратениците од ГЕРБ, на премиерот Бојко Борисов – партијата има 95 пратеници. Во власта се и Обединети патриоти (коалиција која ја сочинуваат две партии ВМРО-БНД и АТАКА) со 27 пратенички места и Волја со 12.
Политичката ситуација во Бугарија, оценува Ф2Н2, е сложена, бидејќи не може да се формира мнозинство без помалите партии. Во анализата понатаму се издвојуваат најважните карактеристики за политичките партии кои се дел од парламентот, нивните про или антизападни ставови, како и нивната позиција кон Северна Македонија во контекст на последните случувања со бугарското вето.
Дел од анализата е и опозициската партија во парламентот Бугарската социјалистичка партија (БСП) од чии редови доаѓа претседателот на Бугарија, Румен Радев.
Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ)

Најголемата владејачка партија е предводена од премиерот Бојко Борисов. Откако во 2006 тој стана градоначалник на Софија, во 2009 година победи на изборите за Европскиот парламент и на парламентарните избори во Бугарија, ГЕРБ е најголемата партија во земјата.
„Борисов е проевропски ориентиран лидер и премиер со само неколку прекини во извршувањето на оваа функција. Тој беше подложен на разни напади во последните години, меѓу кои е и лажното обвинување дека шпанската полиција покренала истрага против него за перење пари во Барселона“,
анализира Ф2Н2, посочувајќи дека тогаш Борисов имал изјава дека нападот доаѓа од Исток.
Летото оваа година, потсетуваат авторите, три месеци се организираа антивладини протести од партии од целиот политички спектар против корумпирано и лошо владеење. Тогаш протекоа и фотографиите на кои се гледа како Борисов спие во спална со пари и оружје околу него, за кои премиерот го обвини претседателот Румен Радев.
Ставот за Северна Македонија: Борисов, се констатира во анализата, беше умерен и тивок кога стануваше збор за почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија. Вицепремиерката и министерка за надворешни работи од оваа партија, Екатерина Захариева, пак, беше една од најгласните пренесувачи на бугарското „не“, следејќи ги стапките на Красимир Каракачанов. Третиот најистакнат актер во пораките беше европратеникот од редовите на ГЕРБ, Андреј Ковачев.
ВМРО-БНД

Внатрешна македонска револуционерна организација – Бугарско национално движење или скратено ВМРО-БНД е предводена од Красимир Каракачанов кој е коалициски партнер во Владата и министер за одбрана. Оваа партија, пишува, е проруска која е потребна за да се обезбеди владејачкото мнозинство.
Министерувањето на Каракачанов, пак, предизвика контроверзии имајќи го предвид неговото комунистичко минато.
„Како што беше веќе опишано од различни истакнати медиуми, проруските позиции на Каракачанов варираат од спротивставување на санкциите воведени од ЕУ против Русија поради анексијата на Крим, до тоа да биде ’заинтересиран застапник‘ во склопување на многу важни руски бизнис-зделки во Бугарија. Како министер за одбрана, Каракачанов е задолжен за НАТО, но се поставува прашањето до кој степен неговото комунистичко минато влијае врз неговата политичка агенда“,
анализира Ф2Н2.
Ставот за Северна Македонија: Каракачанов беше најгласниот политичар во Бугарија за Договорот со Северна Македонија, заклучува Ф2Н2, а во последните неколку месеци придонесе ова прашање да се искачи многу високо на општествената агенда во Бугарија.
АТАКА

Партијата АТАКА важи за ултра-националистичка партија. Заедно со партијата на Каракачанов имаат 27 пратеници. Фо извештајот на Европскиот совет за надворешни работи (ЕЦФР) се споменува во контекст на најголемите антизападни партии. Лидер на ATAKA е Волен Сидеров кој беше одликуван со орденот „Ѕвезда на татковината“ од Москва.
„Политичките партии што се најмногу антизападни се ултрадесничарски, ’антисистемски‘, па дури и фашистички партии: партијата АТАКА во Бугарија, Котлеба – Наша Словачка …“,
пишува во извештајот, а потсетува Ф2Н2.
Оваа партија имаше и свои набљудувачи на „изборите“ во Крим и во Донбас во Украина што ги спроведоа руските сепаратисти. Нејзин лидер е Волен Сидеров, познат русофил кој не ги крие позициите против ЕУ и САД, а таквата негова проруска позиција е поврзана со неговите бизнис интереси.
Ставот за Северна Македонија: Ставот на партијата АТАКА за македонското прашање е дека Северна Македонија е вештачка држава која ѝ припаѓа на Бугарија.
Волја

Најмалиот коалициски партнер во бугарската влада е партијата Волја. Таа е предводена од Веселин Марешки, кој беше осуден за рекет и изнуда (во тек е жалбена постапка) и е познат по неговиот предлог за одржување на референдум за напуштање на НАТО. Марешки ја извршува функцијата потпретседател на Националното собрание.
Ставот за Северна Македонија: Лидерот на Волја, Марешки, во однос на земјава е познат по неговиот предлог за „обединување на двете земји“ во „Голема Бугарија“, со ротирачки премиер.
БСП

Бугарската социјалистичка партија или БСП е наследник на Бугарската комунистичка партија и ја водеше земјата во посткомунистичкиот период. Таа не ги криеше своите врски со Русија бидејќи скоро сите нејзини истакнати членови се образувале таму. Во средината на 90-тите, анализира Ф2Н2, партијата беше против ЕУ и НАТО, а кон крајот на 90-тите и на почетокот на 2000-те интеграцијата во овие сојузи ја промовираше како „главен двигател.
На чело на оваа партија е Корнелија Нинова, а од редовите на БСП е и актуелниот претседател Румен Радев кој беше избран 2016.
„БСП е исто така позната по тоа што ги критикуваше политиките на ЕУ и беше против санкциите на ЕУ кон Русија поради анексијата на Крим. Ваквите позиции поттикнуваат недоверба на граѓаните на Бугарија во европската администрација и нејзините институции, и ја враќаат земјата назад кон Русија“,
пишува во анализата на Ф2Н2.

И Радев има проруски ставови. За време на кампањата, а и потоа, тој беше еден од најгласните застапници за подобрување на односите со Русија.
Ставот за Северна Македонија: БСП, пишува Ф2Н2, јасно изјави дека нема услови да започне меѓувладината конференција оваа година, со што го поддржа ветото за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ. Дополнително, Радев е еден од најревносните „бранители на бугарскиот национален интерес“ кога Северна Македонија е во прашање. Неговите позиции варираат од барање да се потпише анекс на „лошиот договор“ (потпишан во 2017 година), до барање за инкорпорирање на ново поглавје 35 (2020) во рамката за преговори во кое ќе се оценува спроведувањето на договорот.
Колку бугарското „не“ е бугарско?
Ф2Н2 во заклучоците од својата анализа, каде потенцира дека не треба да се генерализира, посочува дека сегашното „не“ за Северна Македонија и не треба да се смета за бугарско.
„Сегашното ’не‘ за Северна Македонија не може да се третира како бугарско ’не‘. Имајќи предвид сè што е кажано и анализирано погоре, тоа е позиција што произлегува од повисоки центри на моќ, и очигледно е под силно влијание на Русија“,
заклучува Ф2Н2.
Анализата интегрално можете да ја прочитате ТУКА.