За разлика од отвореното спротивставување на Русија на членството на земјава во НАТО и обидите да се поткопа Договорот од Преспа, Кремљ официјално молчи кога се во прашање Договорот со Бугарија и пристапувањето на Северна Македонија кон ЕУ, покажува анализата на „360 степени“ и Ф2Н2, во која се споредува руската позиција и стратегија во двата периода

Кремљ официјално молчи за Договорот за добрососедство со Бугарија и пристапувањето на Северна Македонија кон ЕУ за разлика од периодот кога се потпишуваше Договорот од Преспа со Грција и земјата влегуваше во НАТО.
Стратегијата на Русија да го спречи влезот на С Македонија во НАТО не даде резултат, а во март 2019 официјална Москва го призна новото име на државата.
„По официјалното признавање на новото име, Русија ја промени стратегијата. Официјално, таа молчи. Факт е дека за време на тековните случувања меѓу Софија и Скопје во врска со пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, Кремљ молчеше. Не беше дадена ниту една изјава. Овој молк зборува многу“, анализираат од Ф2Н2, иницијатива за борба против лажни наративи и дезинформации.
Кремљ молчи, „Спутник“ зборува
Меѓутоа, забележуваат од Ф2Н2, гласно е српското издание на рускиот медиум „Спутник“, кој е главен канал, поддржан од руската држава, за влијание на Балканот.
Содржините објавени на „Спутник“, преку српски портали, се пренесуваат во Северна Македонија. Овој медиум на српски јазик, како што се оценува, од средината на септември 2020 еднострано ги покрива преговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија, промовирајќи ги ставовите само на одредени бугарски политичари, медиумски експерти и историчари. Од друга страна, пораките испратени од главните претставници на македонската влада се игнорираа, исто како и мислењата и изјавите на бугарски политичари и научници кои ја критикуваа бугарската блокада. Изоставени се и изјавите од ЕУ и фактот дека Северна Македонија, според Европската комисија, ги исполнува условите за почеток на преговорите со ЕУ.

„Од сите теми поврзани со односите помеѓу Северна Македонија и Бугарија, најзастапени беа статиите што ги промовираа наративите на бугарските политичари и опинион-мејкери за блокирање на пристапувањето на земјава во ЕУ. Изјавите на бугарскиот министер за одбрана и лидер на ВМРО-БНД, Красимир Каракачанов, беа застапени со приближно 26% од вкупниот број статии на ’Спутник‘ за случувањата на релација Софија – Скопје, односно 41% од статиите кои го промовираа наративот анти-Северна Македонија. Некои од овие написи беа објавени во Северна Македонија од портали со проруска и националистичка ориентација“, покажува анализата на Ф2Н2.
Дополнително, од Ф2Н2 посочуваат дека уредникот на „Спутник“ во Вашингтон, Златко Ковач, кој е натурализиран американски државјанин со македонско потекло, објавува(ше) антибугарски и анти-ЕУ содржини, вклучително и говор на омраза. Тој, пишува во анализата, постојано беше присутен во онлајн-просторот со наративи кои се обидуваат да го хранат македонскиот национализам, а со тоа да поттикнуваат етнички поделби и да го демонизираат Западот.
Суптилно прекршување на молкот
Според анализата, по 17 ноември – денот кога на состанокот на Советот на ЕУ не беше постигната согласност за Преговарачката рамка за Северна Македонија, Русија ја менува стратегијата: Кремљ суптилно го прекршува молкот, а „Спутник“ го менува начинот на известување.
Ден по состанокот, „Спутник“ објави изјава за бугарското вето од премиерот Зоран Заев. Како што се забележува во анализата, ова не е инцидентно, туку неговите изјави по овој период продолжуваат да се објавуваат на српското издание на овој медиум.
„Во исто време, иако имаше негативна реторика од бугарските политичари насочена кон поранешна Југославија и Србија, официјален Белград не реагираше тогаш, туку дури на 30 ноември, со изјава на претседателот на српскиот парламент, Ивица Дачиќ, дека Бугарија била фашистички окупатор на Јужна Србија“, посочуваат од Ф2Н2.
Кога станува збор, пак, за руската амбасада во Северна Македонија, во анализата се констатира дека суптилно доаѓа до прекршување на молкот на тој начин што во последниот период од Амбасадата започнаа да објавуваат твитови за славни и важни личности од историјата на Северна Македонија.
„Гледано само по себе, нема ништо лошо во ваквата активност, но кога ќе се земе предвид моменталниот политички однос и преговорите со Бугарија, овие твитови само ги засилуваат националистичките чувства во мултиетничка Северна Македонија и се дел од стратегија која се користи од Кремљ. Молкот за бугарската блокада продолжува, а цел се домашните националистички структури кои се против решавање на отворените прашања со Република Бугарија“, анализираат од Ф2Н2.
Каков беше односот на Русија кон Договорот од Преспа и пристапувањето во НАТО?
Договорот од Преспа беше потпишан во јуни 2018 г., а преговорите меѓу Северна Македонија и Грција се интензивираа во февруари истата година.

Во истиот период, анализира Ф2Н2, се интензивираа, во овој случај – официјалните реакции на Кремљ.
Руското Министерство за надворешни работи, се потсетува во анализата, даде изјава во која заменик-министерот за надворешни работи, Александар Грушко, го предупреди амбасадорот на земјава во Москва дека „плановите за влегување на Република Македонија во НАТО може да имаат негативни последици врз регионалната безбедност и билатералните односи“.
„Истиот месец, руските идеолози Александар Дугин и Леонид Савини ја посетија Северна Македонија, промовирајќи стратешко партнерство на Северна Македонија со Русија и членство во Евроазиската економска унија. Тие испратија и пораката дека ’секоја земја треба да биде слободна да избере дали ќе влезе во ЕУ, НАТО или Евроазиската економска унија и дека никој нема право да влијае на ставот на народот‘“, оценуваат од Ф2Н2, додавајќи дека она што Кремљ и руската пропаганда намерно го игнорираа беше високата поддршка на граѓаните и за ЕУ и за НАТО.
Во текот на кампањата за референдумот, американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис, алудирајќи на Русија, изјави:
„Нема сомнеж дека тие префрлија пари и, исто така, спроведуваат поширока кампања за влијание“.
Од Ф2Н2 потсетуваат и дека во јуни 2018 г., откако избувнаа насилните демонстрации во Скопје, истражувачи новинари открија докази дека грчко-рускиот бизнисмен, Иван Савидис, финансиски го поддржал спротивставувањето на Договорот од Преспа односно десничарските националисти и навивачите на фудбалскиот клуб „Вардар“, како и грчкото свештенство и владини претставници.
„Проруската анти-НАТО партија ’Обединета Македонија‘ беше клучен поддржувач на бојкотот, додека податоците од националните разузнавачки и безбедносни агенции открија вмешаност на шпиони и дипломати, како и употреба на компјутерска пропаганда и прикриена поддршка за екстремистички политички групи кои работат на проруската агенда во регионот“, се наведува во анализата.
Наследство на злонамерно мешање
Ф2Н2 анализира дека Кремљ и претходно се обидувал да влијае на внатрешната политика преку т.н. мека моќ, односно во периодот 2006-2016 година (кога земјата од ЕУ беше оценета како „заробена држава“), со руски инвестиции, главно во енергетскиот сектор, но и во рударството, спортот, туризмот, културата и религијата.
Руската поддршка за експремиерот Никола Груевски, пишува во анализата, беше очигледна и за време на бурниот период 2015-2017 г.
И покрај децениските обиди за ширење пропаганда и предизвикување раздор, Ф2Н2 заклучува дека Русија не успеа да го спречи влезот на С Македонија во НАТО и да го поткопа Договорот од Преспа, но наративите од тој период ги нарекува „наследство на злонамерното странско мешање“.