Вниманието на светот е вперено кон кризата во односите меѓу САД и Иран, која има потенцијал да ескалира во сериозен конфликт. Во очекување на одговорот на САД за синоќешното иранско ракетирање на бази во Ирак во кои има американски војници, ги издвојуваме клучните факти кои доведоа до оваа состојба.
Демонстрации пред американската амбасада во Багдад
На 31 декември и 1 јануари илјадници демонстранти ја опколија американската амбасада во Багдад во знак на протест поради неодамнешните воздушни напади на САД во кои во Иран и Сирија беа убиени припадници на милитантната група „Катаиб Хезбола“. Безбедносните сили со гранати за зашеметување и со солзавец спречија толпата да влезе во амбасадата. Проценките беа дека станува збор за демонстранти предводени од членови на проирански паравоени формации. Претседателот на САД, Доналд Трамп, предупреди дека не би било добра идеја Иран да ги ескалира непријателствата во војна со САД.
Убиството на иранскиот генерал Сулејмани
На 3 јануари, близу аеродромот во Багдад, во напад на дрон убиен е Касим Сулејмани, генерал на иранската Револуционерна гарда, командант на елитната единица „Кудс“.
Објаснувањето на Пентагон за чинот одобрен лично од претседателот Доналд Трамп е дека Сулјемани е директно одговорен за нападите врз американската амбасада во Багдад. Сулејмани, според Вашингтон, ги организирал протестите. Касим Сулјемани беше исклучително влијателна фигура во воената номенклатура на Иран.
Иран се заканува
Иранскиот претседател Хасан Рохани веднаш реагира по веста за смртта на генералот Сулејмани. „Иран и слободните земји од регионот ќе им се одмаздат на САД. Нема никаков сомнеж дека големата земја Иран и другите слободни земји од регионот ќе и се одмаздат на Америка за ова ужасно убиство“, вели Рохани во соопштение објавено на интернет-страницата на иранската влада.
Рохани најавува: „Маченичката смрт на Сулејмани двојно ќе ја зголеми одлучноста на Иран да му се спротивстави на американскиот експанзионизам“.
Регионот се подготвува за можен конфликт
Израелскиот воен врв одржа итен состанок на кој тема е безбедноста на земјата по убиството на иранскиот генерал. Израелските армиски и полициски сили преземаат засилени мерки на безбедност. Поради страв од можни напади се затвораат локации кои важат за туристички дестинации. Како реакција на иранските закани, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху предупреди дека доколку Израел биде нападнат ќе следува пожесток одговор.
Ќерката на Сулејмани најавува напади врз американски цели
Зајаб Сулејмани, ќерка на иранскиот генерал Касим Сулејмани, се закани со напади врз американските воени сили на Блискиот Исток.
„Семејствата на американските трупи на Блискиот Исток ќе ги поминат деновите во очекување на смртта на нивните деца“, изјави Сулејмани пред стотиците илјади луѓе кои присуствуваа на церемонијата на спроведување на телото на нејзиниот татко низ улиците на Техеран.
Иран се одмаздува – истрела проектили кон бази со американски војници
Американската армија потврди дека денеска Иран нападнал воени бази во Ирак во кои се сместени војници на САД. „Нападите се извршени со проектили земја-земја. Станува збор за најмалку две воени бази и за повеќе од 12 проектили“, соопшти Пентагон.
Информацијата за нападите ја потврди и Иранската исламска револуционерна гарда. Иранската државна телевизија јави дека операцијата носи назив „Маченикот Сулејмани“.
65.000 американски војници на Блискиот Исток – можна цел на ирански напад
Според податоци на американските медиуми, околу 65.000 американски војници се распоредени во и околу Блискиот Исток и се можна цел на ирански напади.
Најголемиот контингент на Пентагон е во Авганистан, земја сосед на Иран, каде што има 14.000 војници на САД. Следуваат Катар и Кувајт со по 13.000 американски војници на нивна територија.
Во Ирак, кој исто така се граничи со Иран, има околу 6.000 американски војници, додека во Бахреин – мала земја во Персискиот Залив, лоцирана наспроти Иран, стационирани се околу 7.000 војници на САД, како и командата на Петтата американска флота задолжена да патролира во Персискиот Залив, Црвеното и Арапското Море низ кои се транспортира најголемиот дел од светската нафта.
Погребан Касим Сулјемани
Денеска в зори Касим Сулејмани беше погребан во неговиот роден град Керман во југоисточниот дел на Иран. Според иранската државна телевизија, погребната церемонија била одложена за денеска зашто вчерашниот обид бил неуспешен поради големиот метеж од луѓе кои сакале да присуствуваат.
Иранскиот напад ги стресе берзите, скокна цената на нафтата
Цените на нафтата и златото скокнаа по иранскиот ракетен напад врз американските трупи во Ирак. Нафтата од марката „брент“, која е репер на глобалниот пазар на „црното злато“, поскапе во првите неколку часа по нападот, на 70 долари по барел, што е највисоко ниво од средината на септември.
Во исто време скокна и вредноста на јапонскиот јен, кој достигна највисоко ниво во споредба со доларот од октомври наваму, но подоцна во текот на денот повторно спласна.
Во исто време глобалните берзи бележат пад на вредноста на акциите, поради стравување дека конфликтот може да ескалира.
Стравувања дека кризата може да прерасне во нуклеарна војна
Рускиот пратеник Владимир Џабров предупреди дека конфликтот помеѓу САД и Иран може да доведе до нуклеарна војна.
„Реципрочните напади на САД и Иран може да доведат до сеопшта војна во регионот. Ако Вашингтон оценува дека може да ги постигне своите цели, тогаш постои опасност од нуклеарна војна“,
истакна Џабров.
Тој додаде дека во спречувањето на понатамошната ескалација на судирите на Блискиот Исток треба да се вклучи Советот за безбедност на Обединети нации.
Во меѓувреме, „Ројтерс“ и „Ипсос“ објавија нова анкета која покажува дека 71 отсто од Американците стравуваат дека САД ќе влезе во војна со Иран во следните неколку години.
Заканувачка реторика од Иран
Иранската државна новинска агенција „Фарс“ објави лажно видео во кое снајперист стрела кон американскиот претседател, Доналд Трамп. Една од пораките на видеото гласи „Америко, ако започнеш војна, ние ќе ја завршиме“. Во лажното видео врз Трамп е извршен атентат додека тој држи прес-конференција. Снајперистот гледа во слика од иранскиот генерал Сулејмани пред да пука во претседателот на САД.
Иран продолжува со заканувачка реторика кон САД. Иранскиот министер за одбрана Амир Хатами порача денеска дека верува оти ракетниот напад врз базите ќе биде лекција за паметење за Америка. Тој предупреди дека одговорот на Иран на евентуална одмазда на САД ќе биде пропорционална на тоа што Америка ќе го направи.
Веднаш по нападот врховниот верски лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, изјави дека иранскиот напад е шлаканица за САД, но дека тоа не е доволно. Хамнеи нагласи дека овие дејства на Иран се помалку сериозни од американските операции во текот на кои беше убиен иранскиот генерал Касем Солејмани.
„Нападите не се еквивалентни на она што тие го направија“,
нагласи иранскиот лидер.
Намерно биле избегнати жртви?
Според одредени анализи, нападот на Иран не бил осмислен за да предизвика жртви од американска страна. Како што пишуваат американските медиуми, воените трупи, стационирани во овие бази, спијат за време на утринските часови, поради што се минимални шансите некој да настрада во ваков напад.
Си-ен-ен пренесе дека според официјални лица од администрацијата на Трамп, Иран намерно не центрирал зони каде што престојуваат Американци. Наводно, официјален Техеран избегнал да бомбардира цели со американски државјани од причина што имал намера да испрати порака, а не да преземе акција која би предизвикала воен одговор од САД.
Американски експерти анализираат дека метата на напад е значајна, затоа што доколку Иран имал намера да убие американски војници во Ирак, тоа можело да биде сторено со напад врз други бази. Се претпоставува дека иранскиот напад е паметен дипломатски потег, пишува Си-ен-ен.
Според „Гардијан“, доколку оваа проценката се покаже како точна, ова ќе биде можност двете страни да ја спуштат топката без да го изгубат угледот.
Заднината на кризата
Убиството на Сулејмани и иранскиот ракетен напад се кулминација на двегодишните тензии меѓу двете земји откако претседателот Трамп реши САД да ја напуштат нуклеарната спогодба со Иран. Договорот, склучен во 2015 година и потпишан од Барак Обама, предвидуваше меѓународната заедница да ги укине санкциите во замена за прекин на иранската нуклеарна програма. Двете земји се сега пред најсериозниот конфликт од Исламската револуција од 1979 година.
Откако се повлече од договорот, Трамп ги засили санкциите кон Техеран со што ја влоши економската криза во Иран.