Овластениот претставник на пратеничката група „Александар Вучиќ – Србија не смее да запре“ Владимир Орлиќ, во текот на дискусијата рече дека со партнерите и соработниците одлучиле да ја предложат Ана Брнабиќ за претседател на српскиот парламент, бидејќи биле горди на работата што таа ја направила за време на нејзините три премиерски мандати
Со 153 гласа за и пет против, Ана Брнабиќ, до неодамна премиерка на Србија, е избрана за претседателка на собранието на Србија, јавува Н1.
Ана Брнабиќ беше предложена од СНС, партија која заедно со своите партнери на изборната листа има мнозинство од 129 од вкупно 250 мандати во парламентот.
Овластениот претставник на пратеничката група „Александар Вучиќ – Србија не смее да запре“ Владимир Орлиќ, во текот на дискусијата рече дека со партнерите и соработниците одлучиле да ја предложат Ана Брнабиќ за претседател на српскиот парламент, бидејќи биле горди на работата што таа ја направила за време на нејзините три премиерски мандати.
Шефицата на пратеничката група „Србија против насилството“ Мариника Тепиќ, изјави дека две клучни афери го одбележале мандатот на Ана Брнабиќ како премиерка на Србија – повлекувањето пари од компанијата „Асеко“ и преместувањето на гласачите, корисници на социјална помош во очи изборите во Белград. Мариника Тепиќ во собраниската расправа за изборот на Ана Брнабиќ за претседателка на собранието истакна дека за неа не слушнала пофалби од редовите на СНС и дека биографијата на идната шефица на собранието е само на една страница, на која ништо не пишува за нејзината седумгодишна работа како премиерка.
Пратеникот на Националното движење на Србија Борислав Новаковиќ, изјави дека не може да го поддржи изборот на Ана Брнабиќ од неколку причини, меѓу кои и поради тоа што таа покажува ексклузивност. Новаковиќ рече дека не може да го поддржи изборот на Брнабиќ бидејќи таа е поддржана од претседателот на СНС Милош Вучевиќ, кој „заедно со Звонко Веселиновиќ и Андреј Вучиќ ја организираа кражбата на изборите во Нови Сад“.
Коалицијата Нада соопшти дека нема да го поддржи изборот на Ана Брнабиќ за претседателка на српскиот парламент, бидејќи за време на мандатот на нејзината влада „ситуацијата на Косово и Метохија беше доведена до вриење и дојде до апсолутен колапс на институциите на владеењето на правото“.
Дел од опозицијата ја обвини власта за изборен фалсификат на декемвриските избори, особено на локалните во Белград. Државниот врв и владејачката СНС ги отфрлија ваквите обвинувања.
Конститутивната седница на парламентот почна на 6 февруари кога беа верификувани мандатите на пратениците. Тогаш пратениците на опозицијата дадоа заклетва во собраниската сала.
