Работничка ја доби првата кривична пресуда за кршење на работничките права за време на корона-кризата, соопшти Кристина Ампева од „Гласен текстилец“-Штип.
Станува збор за работничка од приватен сектор од Куманово, која останала без работа за време на корона-кризата бидејќи ја користела владината мерка за ослободување од работа на бремените жени.
„’Гласен текстилец’ го следеше судскиот случај на една работничка од Куманово, којашто беше бремена и ги користеше времените мерки донесени од Владата, со кои бремените беа ослободени од работа. Работодавачот ѝ даде незаконски отказ поради кршење ред и дисциплина. Оваа работничка собра храброст и го тужеше работодавачот, со тужба поради работен спор и приватна кривична тужба и ја доби оваа битка, со што судот го усвои тужбеното барање, го утврди незаконитото постапување, со кои се повредени работничките права. Судот го поништи решението за откажување на договорот за вработување како незаконито“,
вели Ампева.
Ампева додава дека работничката, која одобрила да се објави информацијата, е со цел да се охрабрат работниците, доколку се повредени нивните работнички права, да бидат одлучни и упорни во нивното остварување.
„Да се обратите до соодветните институции, како и до ‘Гласен текстилец’ кој секогаш е на страната на работниците и секогаш достапен да даде помош и соодветно да ве упати при остварувањето на работничките права. Правдата е достижна, само се потребни храброст, одлучност и упорност“,
порача Ампева.