Законот за амнестија за настаните од 27 април 2017 година повторно се најде на дневен ред пред уставните судии откако пред околу два месеца тие одлучуваа за членот 2 од истиот закон по иницијатива поднесена од ексдиректорот на УБК, Митко Чавков.
Сега станува збор за други две иницијативи со кои се бара испитување на уставноста на Законот во целост и посебно на членот 2 – првата поднесена од Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес и втората од адвокатката Јошевска Анастасовска.
Со какви ставови излегоа судиите?

Според дискусијата на седницата утрово на која се разгледуваше иницијативата, уставните судии се поделени во своите ставови. Сепак, каква ќе биде одлуката на Уставниот суд ќе се знае дополнително бидејќи судиите треба да одлучат на тајно гласање.
Судијата Насер Ајдари, образложувајќи ги иницијативите, рече дека барањата за утврдување на уставност треба да се отфрлат како неосновани бидејќи судот веќе се изјаснил по овој закон.
„Според Деловникот, кога Уставниот суд на претходна иницијатива ќе се произнесе по вакво прашање, единствено решение е ваквиот предлог да се отфрли како неоснован. Уставниот суд не може да се става во улога на Собранието, туку тој одлучува дали Собранието имало уставно право да го донесе законот и затоа ваквите прашање за правото на давање амнестија се неосновани“,
рече Ајдари.
Според судијата Јован Јосифовски, овие две иницијативи се подробно образложени и треба да се прифатат, особено што тој останува на својот претходен став, дека законот е противуставен.
„Неспорно е дека Собранието дава амнестија, но спорен е членот 2 со кој се префрла правото на одлучување на судот. Ова не е првпат да се дава амнестија, ова е шести случај на амнестија. Не може Собранието кое дава амнестија да го пренесе правото на судот да одлучува арбитрарно кој ќе добие, а кој нема амнестија за ист кривичен настан. Од тие причини сметам дека законот е противуставен“,
рече Јосифовски.
Претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати, рече дека негов личен став е дека сите правни норми мора да бидат функционални и дека со давањето вакви закони за вакви настани не се зацврстуваат државните вредности.
„Никогаш нема да поддржам вакви амнестии кои се на штета на државата. Се овој закон во целост ние нема да ги дисциплинираме сторителите и не ги зацвстуваме државните вредности“,
изјави Мурати.
Судијата Осман Кадриу нагласи дека треба да се прифати дека законодавецот не дава амнестија за дела со кои се загрозува интегритетот и суверенитетот на државата.
Уставната судијка Елена Гошева рече дека има многу недоследности и дека треба да се отфрли предлогот за одбивање на иницијативата како неоснована.
„Дали Собранието за претходните амнестии одлучуваше што се опфаќа и кои кривични дела. Кога се донесе амнестијата од 2001 година, не се гледаше за какви и за колку дела се амнестираат. Не сакам да се враќам назад на вака болни теми, но не може сега да тврдиме дека законот е уставен“,
изјави Гошева.
Што предвидува оспорениот член 2?
Во оспорениот член 2 од Законот за амнестија се опишува постапката за барање амнестија и дека судот е тој што носи решение дали некој треба да биде амнестиран или не.
Така, за лицата против кои се води кривична постапката за настаните од 27 април 2017, а кои не се правосилно осудени, се вели дека тие поднесуваат барање до судот пред кои се води постапката.
А судот, пак, одлучува откако претходно ќе добие мислење од јавниот обвинител.
За оние што се правосилно осудени, пак, се вели дека затворот по службена должност поведува затворот каде што лицето ја издржува казната, а одлуката ја носи судот што ја изрекол првостепената пресуда.

Уставниот суд веќе еднаш се изјасни за членот 2, но и за членот 1 од Законот за амнестија
Членот 2, но и членот 1 веќе еднаш се најдоа пред Уставниот суд, по споменатата иницијатива поднесена од ексдиректорот на БЈБ, Митко Чавков, кој ја доби највисоката затворска казна – 18 години за „крвавиот четврток“. Во членот 1 се опишува кој може да добие амнестија, а кој не. Во тој контекст се наведува дека таа не се однесува на лица што ги подготвувале и организирале настаните од 27 април 2017, кои сториле насилство или носеле оружје и постапиле спротивно на службените овластувања при вршење на делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Токму поради тоа Чавков како тогашен директор на БЈБ не можеше да биде амнестиран, а иницијативата пред Уставниот суд ја поведе со образложение дека станува збор за дискриминација и селективност, како и дека според Уставот, Собранието е тоа кое дава амнестија, а не судот.
Чавков со првостепена пресуда беше осуден во досега најобемниот предмет за случајот „27 април“ во кој беа опфатени вкупно 33 лица. Со носењето на Законот, 15 од нив добија амнестија, а освен ексдиректорот на БЈБ, не се спасија ниту останатите вработени во МВР и директните извршители на насилството.
Амнестијата ги опфати петтемина пратеници: Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, од кои првите тројца потоа гласаа и за уставните измени. Амнестирани беа и водачите на протестите „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Богдан Илиески-Бетмен и Владо Јовановски. Игор Дурловски, кој беше во оваа група, воопшто и не побара амнестија, но доби ослободителна пресуда.
Со амнестијата се спасија и: браќата Стефан и Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Илија Славески и Митре Питроповски.
Покрај 15 обвинети, амнестирани беа уште 10 други лица опфатени во помалите предмети кои се однесуваа на учество во толпа.
Наскоро судски процес за организацијата на „27 април“
Покрај досегашните судски процеси за „крвавиот четврток“, наскоро се очекува почетокот на судењето за лицата што се обвинети дека се организаторите на настаните од 27 април 2017. Обвинението беше прифатено, а неодамна според АКМИС-системот се распореди и кај надлежен судечки совет во кој, како што веќе објави „360 степени“, прв судија е Илија Трпков, а втор Владимир Туфегџиќ.
На обвинителна клупа во овој случај треба да седнат поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и бившиот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Во истрагата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупција беа опфатени и избеганиот експремиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошкоски, но постапката за нив е запрена додека не станат достапни за македонските органи.
Сите се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Според обвинението, по неуспешните преговори за формирање влада од страна на ВМРО-ДПМНЕ по изборите во декември 2016 година, тие изготвиле план со намера да ги загрозат уставниот поредок и безбедноста на земјата и да спречат примопредавање на власта.
Засега не се знае датумот за првото рочиште, но се очекува тоа да биде во февруари. Од Основниот кривичен суд најавија дека прво судиите ќе се координираат бидејќи Миле Јанакиески често е на судење како обвинет во предметите од СЈО.