Ревидираниот предлог бил изготвен од Велика Британија, Франција и Германија, а документот се темели на американскиот предлог

Додека во фокусот на јавноста е американскиот мировен план за војната во Украина, европските држави излегоа со нов, ревидиран, со кој се зголемува предложениот обем на вооружените сили на Украина и разни територијални отстапки, објави Ројтерс.
Ревидираниот предлог бил изготвен од Велика Британија, Франција и Германија, а документот се темели на американскиот предлог.
Документот, подготвен за дискусија за планот во Женева, предлага ограничувањето на големината на вооружените сили на Украина на 800 000 „во мирно време“ наместо 600 000 според американскиот план.
Европскиот предлог наведува дека пристапувањето на Украина во НАТО зависи од консензус на земјите членки, што не постои.
„НАТО се согласува трајно да не стационира сили под негова команда во Украина во мирно време“,
се наведува во документот забележувајќи дека борбените авиони на Алијансата ќе бидат стационирани во Полска.
Европските земји предлагаат Украина да добие безбедносни гаранции од САД, како што се оние предвидени во член 5 од Повелбата на НАТО.
„Украина ќе биде финансиски компензирана, вклучително и преку руски суверени фондови, кои ќе останат замрзнати сè додека Русија не ја компензира Украина за штетата“,
се наведува во документот.
Додека американскиот план предлага 100 милијарди долари од замрзнатите руски фондови да бидат инвестирани во „напори за реконструкција и инвестиции предводени од САД во Украина“ и САД да добијат 50 проценти од профитот од овој потфат.
САД, исто така, предлагаат остатокот да биде инвестиран во „посебен инвестициски инструмент на САД и Русија“.
Во меѓувреме, украинските медиуми, повикувајќи се на Блумберг, објавија дека како одговор на мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп, Украина ќе инсистира на безбедносни гаранции слични на член 5 на НАТО и на зачувување на сегашната линија на фронтот како основа за какви било понатамошни преговори со Русија.
Украина и нејзините европски сојузници ќе инсистираат дека дискусиите со Русија за какви било територијални размени можат да се случат само откако ќе заврши војната по сегашната линија на контакт.
Европскиот одговор доаѓа во време кога советниците за национална безбедност на САД, Украина и Европа се состануваат денеска во Женева за да разговараат за американскиот план со претседателот Доналд Трамп, кој инсистира на договор што поскоро.
Зеленски: Американскиот предлог можеби е добар за украинските перспективи
Предлогот на САД за запирање на војната во Украина може да вклучува делови што се засноваат на украинските перспективи и се од клучно значење за украинските национални интереси, посочи денеска претседателот на земјата, Володимир Зеленски.
Во исто време, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека украинските власти не изразиле никаква благодарност за напорите на САД по ова прашање, а Европа продолжува да купува нафта од Русија.
Американскиот пратеник за Украина: Уверен сум дека Трамп ќе ја заврши војната
Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина, Кит Келог, претходно денеска даде позитивна оценка за мировниот план на САД.

Тој е уверен дека Трамп ќе ја заврши војната, која ја опиша како „најдолгата војна во Европа од Втората светска војна“.
„Ние во војската секогаш велиме дека најтешкиот дел е да се стигне до последните 10 метри. Ние сме оддалечени околу два метра. Речиси сме таму“,
изјави тој.
Тој рече дека неодамна разговарал со украинската страна и дека Украинците им веруваат на Американците.
