Во моментов нема докази за колатерална штета или цивилни жртви, соопшти американската војска

Централната команда на Соединетите Држави (ЦЕНТКОМ) објави дека командантот на Катаиб Хезболах е убиен во напад на американско беспилотно летало во Багдад.
„Силите на ЦЕНТКОМ спроведоа едностран напад во Ирак како одговор на нападите врз американските војници, при што беше убиен командант на Катаиб Хезболах кој беше одговорен за директно планирање и учество во напади врз американските сили во регионот“,
објави командата на платформата Икс.
Во моментов нема докази за колатерална штета или цивилни жртви, додаде американската војска.
„Нема да се двоумиме да ги повикаме на одговорност сите оние што ја загрозуваат безбедноста на нашите сили“,
се предупредува во соопштението.
Американските медиуми објавија дека во нападот биле убиени најмалку тројца членови на Катаиб Хезболах.
Пентагон ја поврзува проиранската група во Ирак со нападот во јануари во кој загинаа тројца американски војници во близина на јорданско-сириската граница.
Американскиот претседател Џо Бајден ги обвини „проиранските радикални милитантни групи кои дејствуваат во Сирија и Ирак“ за нападот и се закани со одмазда.
Од почетокот на конфликтот меѓу Израел и Хамас, проиранските милиции речиси секојдневно ги напаѓаат американските воени бази во Ирак и Сирија. САД одговорија со воздушни напади во двете земји.