Како што пишува Би-би-си, од администрацијата на Трамп потврдиле дека бројката од 125 отсто не ја вклучувала веќе постоечката тарифа од 20 отсто, што се додава на врвот

Царините за сите кинески производи изнесуваат најмалку 145 отсто, пренесуваат светските медиуми повикувајќи се на информации од Белата куќа.
„Белата куќа појасни дека нејзината царина за сите кинески стоки е најмалку 145 отсто, дури и повисока отколку што се веруваше претходно“,
пишува Си-ен-ен.
Вчера американскиот претседател Доналд Трамп царините за Кина ги зголеми на 125 отсто, а Пекинг, пак, воведе сопствени возвратни тарифи од 84 отсто за американските стоки
Денешните информации од Белата куќа доаѓаат откако американските акции пораснаа по најавата на претседателот Доналд Трамп за 90-дневна пауза на сите „реципрочни“ царини, освен за Кина.
Меѓутоа, како што пишува Би-би-си, од администрацијата на Трамп потврдиле дека бројката од 125 отсто не ја вклучувала веќе постоечка тарифа од 20 отсто, што се додава на врвот – со што вкупниот број изнесува 145 отсто.
Откако вчера стапија во сила новите царини што САД ги воведоа за приближно 60 земји во светот, американскиот претседател Доналд Трамп потоа објави 90-дневна пауза која и покрај недостатокот на детали за кои земји точно се однесува, предзвика благ раст на берзите, кои беа под закана од колапс поради трговската војна што тој ја наметна со царинската политика.
Наведувајќи дека повеќе од 75 земји побарале преговори за тарифите, Трамп рече дека овластил 90-дневна пауза и значително намалена реципрочна тарифа во текот на овој период, на 10 отсто, кои исто така стапуваат во сила веднаш.