Американските разузнавачки агенции предупредуваат дека Русија се обидува да му помогне на претседателот Доналд Трамп да биде реизбран во ноември, објавија американските медиуми повикувајќи се на информации што ги добиле од официјални претставници.
Овие информации, како што објавува Би-би-си биле споделени на брифинг зад затворени врати во Комитетот за разузнавање на Конгресот од 13 февруари.
Претседателот Трамп, наводно, бил лут и се жалел дека демократите ќе ги искористат информациите против него.
Вчера Трамп го смени вршителот на должноста началник за разузнавање, Џозеф Мегуаер.
„Њујорк тајмс“ објави дека Трамп е особено лут што на брифингот присуствувал Адам Шиф, демократот кој ја водеше постапката за импичмент.
Мегуаер беше фаворит за директор за национална разузнавачка служба, пишува „Вашингтон пост“, но Трамп наводно се предомислил кога дознал за брифингот и ова го смета за „нелојалност“ на неговите соработници.

Трамп оваа недела објави дека Мегуаер ќе биде заменет со Ричард Гренел, американскиот амбасадор во Германија кој се смета за лојален на Трамп.
Иако двајца членови на администрацијата на Трамп за „Њујорк тајмс“ изјавиле дека смената на Мегуаер непосредно по овој брифинг е случајност, овој чекор на Трамп во политичките кругови не се смета за наивен, особено поради улогата на Русија во претседателските избори во 2016 година.
Демократите го критикуваа Трамп за именувањето на Гренел, кој застана зад ставот на американскиот претседател и го негираше руското мешање на последните избори, а воедно не го крие задоволството од подемот на екстремно десничарските политичари во Европа.
„Тој (Трамп) штотуку го именува политички најекспонираниот и најагресивниот амбасадор на САД на позиција која треба да е најмалку политизирана и воедно е најчуствителна“, напиша на Твитер Нед Прајс, поранешен помошник на претходниот американски амбасадор Барак Обама.