Би-би-си, цитирајќи американски претставник, пишува дека рано утринава во близина на американската амбасада во Судан слетале три хеликоптери, при што се евакуирани помалку од 100 луѓе. Евакуација на своите државјани и дипломати од Судан најави и Франција, а Велика Британија соопшти дека разгледува начини за евакуација на својот персонал
Американскиот претседател Џо Бајден потврди дека американската војска ги евакуирала американските дипломати и нивните семејства од суданската престолнина, додавајќи дека Вашингтон привремено ќе ја прекине работата во својата амбасада во Судан поради борбите во оваа земја кои влегоа во својата втора недела.
„Денеска, по моја наредба, војската на САД спроведе операција за извлекување на персоналот на американската амбасада од Картум“,
изјави Бајден.
Во објава на Твитер, Амбасадата на САД во Судан објави дека привремено ќе биде затворена и дека нема да може да обезбеди итни конзуларни услуги за своите државјани во оваа земја поради неизвесната безбедносна ситуација во суданската престолнина и затворањето на аеродромот.
„На граѓаните на САД им се препорачува да останат во затворени простории, да се засолнуваат и да избегнуваат патување во амбасадата на САД зашто таа ќе биде привремено затворена. Патувањето во кој било конвој е на ваш сопствен ризик“,
се наведува во твитер-објавата на Амбасадата на САД во Судан.

Би-би-си, цитирајќи американски претставник, пишува дека рано утринава во близина на американската амбасада во Судан слетале три хеликоптери, при што се евакуирани помалку од 100 луѓе.
Покрај САД, и Франција објави дека почнала да ги евакуира своите граѓани и дипломати од Судан, а Велика Британија соопшти дека разгледува начини за евакуација на својот персонал.
По еднонеделната борба за превласт меѓу суданската армија и паравоените сили за брза поддршка (РСФ), вчера некои странски државјани почнаа да се евакуираат од оваа земја, а суданската војска соопшти дека се согласила да помогне во евакуацијата на странски државјани, меѓу кои и дипломати на САД, Велика Британија, Франција и Кина.
Саудиска Арабија вчера соопшти дека евакуирала 157 Саудијци и луѓе од други националности, а Кувајт рече дека некои нејзини граѓани пристигнале во Џеда. Јордан соопшти дека започнал со евакуација на 300 граѓани.
Аеродромот во Картум и натаму е затворен, а илјадници странски државјани се попречени да заминат од земјата.
Во борбите помеѓу суданската армија и паравоените сили за брза поддршка (РСФ), кои влегуваат во својата втора недела, според Светската здравствена организација (СЗО), загинале 413 лица, а 3 551 се ранети, но се верува дека реалниот број е поголем.