Едно од клучните нерешени прашања останува моделот на безбедносни гаранции што САД и другите западни држави би ѝ ги понудиле на Украина во случај да се постигне мировен договор
Специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф, викендов ќе отпатува во Берлин, каде што ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со високи европски лидери, во рамки на тековните напори за изнаоѓање одржлив мировен план за Украина. Берлин во понеделник ќе биде домаќин на средба меѓу германскиот канцелар Фридрих Мерц, Зеленски и повеќе европски лидери, меѓу кои шефовите на Европската Унија и НАТО. Присуство се очекува и од францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер.
Висок претставник на американската администрација за ДПА потврди дека посетата е планирана, но не откри детали за точниот тајминг или форматот на разговорите.

Средбата ќе се одржи во поширок формат на т.н. Вашингтонска група. Во Берлин ќе пристигнат претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, генералниот секретар на НАТО Марк Руте, финскиот претседател Александар Стуб, норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе, италијанската премиерка Џорџа Мелони и полскиот премиер Доналд Туск.
Украина од февруари 2022 година се брани од руската инвазија со значителна воена и политичка поддршка од Западот.
Откако во ноември стана јавен американскиот предлог за можната рамка за завршување на војната, се одржаа неколку круга консултации меѓу Вашингтон, Киев и европските партнери. Во тие разговори биле разменувани различни амандмани и контрапредлози. Критичарите го оценија почетниот американски документ како „список на желби“ во корист на Русија. Едно од клучните нерешени прашања останува моделот на безбедносни гаранции што САД и другите западни држави би ѝ ги понудиле на Украина во случај да се постигне мировен договор.
